Грчката морнарица влече брод со 700 имигранти кон Крит

Грчките власти соопштија дека брод на воената морнарица влече оштетен товарен брод со стотици имигранти, кон бреговите на Крит, борејќи се со силен ветер и големи бранови.

Воената морнарица соопшти дека товарниот брод „Барис“ долг 77 метри е влечен со брзина од три јазли кон Иерапетра во јужниот дел на Крит. Бродот се очекува да пристигне до островот Крит подоцна денеска.

Товарниот брод имал проблеми со моторот во меѓународни води, по што вчера слободно беше носен од силен ветер, околу 30 наутички милји југоисточно од Крит.

Според првичните проценки на крајбрежната стража на бродот патуваат Сиријци и Авганистанци, кои сакаат да стигнат до Италија. Се проценува дека на товарниот брод се наоѓаат меѓу 500 и 700 луѓе.

Грција е главна точка на влез за бегалците кои настојуваат да стигнат во Европа, посебно оние од државите разорени од војни како Сирија и Либија. Десетици илјади луѓе се обидуваа секоја година да влезат илегално во Европа, од кои стотици го губат својот живот пред да успеат да стигнат на европско тло.