Балкан

Грчката полиција со солзавец ги растера студентите во Атина

Грчката полиција со солзавец ги растера студентите во Атина

Полицијата во Атина денеска употреби солзавец за да ги растера околу 40-те студенти, кои се обидоа да влезат во Атинската правна школа, објави МИА.

Зградата на оваа високообразовна школа од вчера е затворена во пресрет на годишнината од студентското востание на 17 ноември 1973 година против тогашната воена хунта, пренесе грчката агенција АНА МПА.

– Законитоста ќе биде наметната, бидејќи тоа го сака грчкиот народ, а тоа го бараат и грчките даночни обврзници, изјави портпаролот на Владата Софија Вултепси.

Портпаролката истакна дека на универзитетот нема да се дозволи спроведување на „законот на џунглата“.

Секоја година на 17 ноември се одржуваат собири што честопати прераснуваат во демонстрации против политиката на владата.

Тој ден студентите, наставниците, учениците, работниците и пензионерите полагаат венци и цвеќе пред Политехничката школа во Атина, одавајќи им почит на десетте убиени студенти на 17 ноември 1973 година.