Грчката политика ме раздели од Марика, мојата прва љубов

Моравме да бегаме, такво беше времето, субината ме раздели од Марика, девојката што ја љубев како 18 – годишно момче во Егејска Македонија, раскажува сега 88 – годишниот Пандо Симитчиев за животот што го минал по прогонство по Граѓанската војна во Грција.

Се сакавме две години, голема љубов беше, мојата прва љубов. Ама дојде време политиката и судбината да ме разделат од девојката која ја љубев. Тој денес има 88 години и по многу селидби живее во Демир Капија.

– Моравме да бегаме, такво беше времето. Не се трпеше тој страшен терор. Нашите две семејства пребегаа во Пиринска Македонија, но моето семејство беше принудено да се пресели во Југославија. Со моето заминување беше прекината нашата голема љубов. Си пишувавме писма некое време по разделбата, но Марика никогаш повеќе не ја видов. Дознав дека умрела на 38 години. И денес ми е жал за Марика, ама за нашата разделба не беше крива ниту таа, ниту јас. Егејската судбина ни била  таква. Понекогаш се уште ја сонувам првата љубов, емотивно раскажува Симитчиев.

Тој е само еден од многутемина кои биле на егејската средба која се одржа во Демир Капија. На средбата присуствувале повеќе остарени мажи и жени, кои биле прогонети од своите домови во времето на Граѓанската војна во Грција и ја доживеале судбината на деца бегалци. Но, исто така на средбата имало и млади чии корења потекнуваат од Егејска Македонија.

Извор: Дневник