Грчката влада ќе врати на работа 3, 5 илајди отпуштени работници

Грчката влада ќе врати на работа околу 3,5 илјади отпуштени работници, соопшти денеска заменикот министер за надворешни работи и административна реформа Јоргос Катрунгалос, за телевизијата Скај, пренесе МИА.

Во период од еден месец на работа ќе бидат вратени меѓу 2,5 и 3,5 илјади државни службеници, што се отпуштени од претходната Влада или биле префрлени во „резерви“. Тоа во најголем дел се чистачки, училишни чувари и професори по технички предмети, нагласи Катрунгалос.

Според него тоа не се нови вработувања, туку враќање на претходно извршените противзаконски отпуштања. Катрунгалос нагласи дека во бројката од 3,5 илјади државни службеници не се и вработените во државната радиотелевизија ЕРТ.

Катрунгалос најави дека вработените од ЕРТ, исто така, ќе бидат вратени на работа, но дека тоа е во надлежност на друго министерство.

Според грчките медиуми владата на Алексис Ципрас планира да врати на работа околу 7,500 лица, иако тоа не е особено голем број. Во држаните претпријатија и организации во моментот работат околу 600 илјади луѓе, што е за 200.000 помалку во споредба со пред четири години.

Новиот министер за труд Панос Скурлетис објави дека владата планира да ја зголеми минималната плата во земјата од 580 евра на 751 евро.