Македонија

Грчката Влада во блиска иднина не планира да се занимава со прашањето за името

Грчката Влада во блиска иднина не планира да се занимава со прашањето за името

Грчката Влада во блиска иднина не планира воопшто да се занимава со прашањето за името на Македонија, ниту да се впушта во директни разговори со цел решавање на овој проблем, јави дописникот на МИА од Атина.

Иако новиот премиер Алексис Ципрас првото службено патување го реализира во Кипар, со цел да покаже дека националните прашања се високо на агендата на неговата Влада, проблемите со кои се соочува Грција внатре во земјата и во односите со партнерите во ЕУ, не дозволуваат Кабинетот повеќе да се посвети на најважните национални прашања како што се Кипар и прашањето за името.

Сепак, аналитичарите проценуваат дека и различните ставови на коалициските партнери во Владата, Сириза и Независни Грци, во врска со Македонија, исто така се пречка која тешко ќе се премости за ова прашања да дојде на дневен ред.

Во својот прв голем говор во Парламентот Ципрас пред некој ден кусо го спомена прашањето за името на нашата земја, велејќи дека ставот на Владата е сложено име со географска одредница.

Доколку Независни Грци беа во опозиција, досега ќе имаше повеќе реакции на изјавата на Ципрас, со оглед на тоа што партијата на Каменос во изминатиот парламентарен состав беше една од најгласните со прашања до Самарас „дали го продал името Македонија на Скопје“ и слично.

Овој пат нема никаква реакција. Не затоа што Независни Грци (АНЕЛ) немаат што да кажат, туку токму поради коалицискиот договор меѓу двете партии, како што беше претходно објавено, дека Ципрас ќе ги почитува црвените линии на Каменос за националните прашања.

Во два дена дебата во грчкиот Парламент, само пратеникот на АНЕЛ Никос Николопулос го спомена прашањето за името, но кусо и во сосема друг контекст. Истакнувајќи дека новата влада „вложува голем напор земјата да излезе од позицијата на роб во која ја ставија владите на Папандреу, Самарас, Венизелос“, Николопулос побрза да напомене дека неговата партијата има идеолошки разлики со Сириза и „различни пристапи за сложеното име на Скопје“ и миграцијата. Сепак, тој подвлече дека двете партии ги обединуваат многу повеќе работи отколку што ги делат, а тоа тоа пред се е „ослободување на земјата од тежината на меморандумот“.

За незаинтересираноста на официјална Атина за прашањето за името, говори и молкот на новиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, кој никако да се огласи на оваа тема, иако до сега даде неколку интервјуа и официјални изјави.