Македонија

Грчки медиуми: Македонија е главен дел од рускиот гасовод кој што ќе донесе огромни придобивки и за Грција

Грчки медиуми: Македонија е главен дел од рускиот гасовод кој што ќе донесе огромни придобивки и за Грција

Состанокот меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и рускиот претседател Владимир Путин во голема мера ќе ги утврди геостратешките и геополитичките случувања во регионот, пишува грчкиот печат. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките медиуми информираат дека за важноста на престојната посета на Ципрас на Москва доволно говори фактот што Брисел, Берлин и Вашингтон постојано изразуваат незадоволство и загриженост.

Вeсникот “Ризопастис” пишувајќи за ривалството меѓу Русија и Западот, потсетува и на неодамнешната посета на Атина на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд, во чии рамки според весникот, било разговарано и за отвореното прашање со Македонија. И “Ризопастис” информира дека грчката влада изразила интерес за учество во „Турски тек“, прашање што ќе биде дел од агендата на средбата меѓу Ципрас и Путин.

“Од она што досега го знаеме за намерите на владата е дека министерот за животна средина и енергија Панајотис Лафазанис рече дека го поддржува учеството на земјата во конструкцијата на Јужен тек, кој што треба да го транспортира рускиот гас преку Црно Море, Турција и Грција, а од таму преку Македонија, Србија и Унгарија до границата со Австрија”, се вели во текстот.

Во анализа на порталот “Trikala News” пишува дека средбата меѓу Ципрас и Путин ќе резултира со голем број придобивки, од кои што дел ќе настапат веднаш, а дел се долгорочни.

“Меѓу овие огромни геополитички и економски интереси е и проектот за конструкција на нов гасовод, познат како Турски тек, на грчко-турската граница. Русија преку Газпром, веќе и официјално ја почна изградбата на гасоводната мрежа во Македонија, која што ќе биде главниот дел од новиот гасовод, модификација на Јужен тек”, пишува порталот.

Во анализата се вели дека економските придобивки се однесуваат на профитот што земјата ќе го остварува од доставата и транспортот на гасот, а политичките се во насока на затоплување на климата и интензивирање на соработката меѓу Македонија, Грција и Турција.

“Соработката меѓу овие три земји во конструкцијата и транспортот во Балканскиот гасовод со Русија како гарант, очигледно ќе создаде стабилност во регионот и клима на добра волја и помирување за решававање на прашањата”, се вели во текстот на “Trikala News”.

Во меѓувреме, пријателските односи со Русија предизвикаа дипломатски инцидент во Прага. Чешкиот претседател Милош Земан порача дека вратите на претседателската резиденција отсега ќе бидат затворени за американскиот амбасадор во земјата кој што јавно ја криткуваше неговата намера да присуствува на Парадата на победата во Москва на 9 ти мај.

Откако американскиот амбасадор преку една чешка телевизија порача дека посетата нема да прати добра порака, Земан реплицираше дека тој нема да дозволи некакви амбасадори да се мешаат давајќи совет за неговите странски посети и дека тој не може да замисли чешкиот амбасадор во Вашингтон да го советува Барак Обама за тоа каде да патува.