Грчки медиуми: Новата македонска банкнота со Александар Македонски е шлаканица за грчката дипломатија

Македонската банкнота од 200 денари со Александар Македонски ги растревожи Грците. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките медиуми новата банкнота ја претставуваат како шлаканица од Македонија за грчката дипломатија.

„И додека министерот за надворешни Евангелос Венизелос се наоѓа во САД, каде што го вкрстуваше политичкиот скалпел со Џон Кери за бегството на Кристодулос Ксиру, Скопје и даде шлаканица на грчката дипломатија”, се вели во коментарот на порталот „Трагико“.

Порталот понатаму објаснува дека на банкнотата се наоѓа Александар Македонски на Букефал и дека таа е во вредност од 200 денари што изнесуваат околу 3,5 евра.

„Погледнете ја новата провокација од ’Скопјаните’” , се вели во насловот на порталот „Њузбомб“.

„Издадоа нова банкнота со Александар Велики. Во неодамнешната анкета, ’Скопјаните’ рекоа дека тие не прифаќаат било каква промена во името што го содржи зборот Македонија”, коментира порталот.

Заштитата и промоцијата на македонското културно и историско наследство постојано предизвикува бура од незадоволство кај јужниот сосед, а со еднаква растревоженост се следат и коментираат активностите на македонскиот премиер Никола Груевски и интервјуата што ги дава за највлијателните светски медиуми.

Коментирајќи ја средбата на шефовите на американската и грчката дипломатија во Вашингтон, весникот „Елефтеротипија“ пишува дека на маса биле сите врели прашања, вклучително и Скопје.

„Но, за најдобар пречек на грчката делегација во САД, неколку денови порано, САД беше домаќинот на интервјуто емитувано на ’Си- Ен- Ен’, во кое што македонскиот премиер Никола Груевски, ни помалку ни повеќе, ја обвини Грција дека избегнува дијалог и затоа носи целосна одговорност за фактот што нема напредок во разговорите“, се вели во текстот на „Елефтеротипија“.

Грчките медиуми предходно го критикуваа грчкото МНР и министерот Венизелос дека немаат соодветен одговор на меѓународната кампања за името на македонската Влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.