Македонија

Грчки медиуми: Опозицијата сака украинско сценарио – Груевски не се откажува

Грчки медиуми: Опозицијата сака украинско сценарио – Груевски не се откажува
Совпаѓањето на изјавите на македонскиот премиер Никола Груевски и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со кои што се посочува дека опозицијата во соработка со странски служби сака да предизвика обоена револуција во Македонија, се во фокусот и на грчката јавност. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, за огромен дел од грчките медиуми веќе е јасно дека зад обидот за дестабилизација на Македонија стојат западните сили користејќи ги опозицијата и соросовите невладини, по примерот на Украина. Јавуваат и дека според западните дипломати и новинари во Македонија, Москва значително го зголемила бројот на дипломати присутни во амбасадата во Скопје.

Kризата во Македонија доаѓа паралелно со американското незадоволство поради тоа што земјата му кажа “да” на Турски тек, но и поради тоа што премиерот Груевски се осмели да каже “не” на санкциите против Русија, информира весникот “Елефтерос типос”, нагласувајќи дека во играта против него учествуваат и западните медиуми.
“Познатото единство против лидерите кои што не му се допаѓаат на Западот не е ништо ново за мејнстрим медиумите кои што не знаеме веќе колку долго го обликуваат јавното мислење. Во играта против Груевски влегоа и разни невладини организации како Националното движење за демократија кое што трoши илјадници долари да го промовира “учеството на граѓаните во различни лобирања за законодавството и политичкиот дијалог”, заедно со институцијата на Џорџ Сорос која што изведува координирана акција за принудување на Владата да ја подобри “одговорноста и транспарентноста“ “, пишува весникот нагласувајќи дека Груевски покажа дека не планира да се откаже.
Весникот “Ризопастис” пак, пишува дека на собирот за поддршка на Груевски имало и руски знамиња, како сигнал за насоченоста кон Русија.
И весникот “Авги” пишува дека однесувањето на македонската опозиција изгледа дека го следи украинското сценарио и дека НАТО продолжува секојдневно да интервенира во корист на опозицијата.
Настаните во Македонија повод за соопштение и од владеачката Сириза на Алексис Ципрас, во кое што се нагласува дека единствениот пат за просперитет е демократијата.
 
“Патот на стабилноста и демократијата се единствените видливи насоки до просперитетот, економскиот раст и зајакнувањето на работничката класа на земјите од регионот”, стои во соопштението.
 
Портпаролот на грчката влада Гаврил Сакеларидис неодамна за Нетпрес изјави дека јужниот сосед искрено сака реализација на Турски тек и енергетска соработка со соседите и дека значајно е тоа што гасоводот ќе минува и низ Македонија. Македонската влада е на иста линија со Атина и во однос на европските санкции против Русија. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој што во моментов е во посета на САД, изјави дека Вашингтон ја повикал Атина да ја поддржи новата рунда анти-руски санкции. Тој одговорил дека Русија и Грција се сојузници и пријатели, обединети преку заедничката религија и економијата и дека поради анти-руските санкции, земјата досега загуби над четири милијарди евра.