Грчки медиуми: Путин и влепи шлаканица на Грција со Република Македонија

Поради Република Македонија, Северен Кипар и пријателството со Турција, вчерашната прес-конференција на рускиот претседател, Владимир Путин не беше пријатна за грчката јавност, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
“Неколку удари и пораки од рускиот Претседател”, “Бомби од Путин за Македонија и Турција”, се дел од насловите во грчките медиуми кои што користењето на нашето уставно име од страна на Путин го претставуваат како шлаканица за Грција.
“Владимир Путин и влепи и втора шлаканица на Грција во истото излагање кога зборувајќи за Јужен ток рече дека гасоводот може да оди низ Грција за да стигне до Македонија, како што го нарече ‘Скопје’ ”, се вели во текстот на порталот за вести MyCosmos.
Првата ”шлаканица” од Путин за Грција според грчките медиуми биле неговите ставови за кипарскиот спор и акцентирањето на руско-турското пријателство. Контроверзно било тоа што говорејќи за Кипар, Путин рекол островот го сочинуваат Северен Кипар од една страна и Република Кипар на југ, од другата. Рускиот претседател порача дека Русија има многу добри односи со Турција и дека тие се протегаат и на Северен Кипар.
“Путин користеше контроверзна дипломатска терминологија, која што не е во согласност ниту со руските позиции за Кипар, ниту со релевантните резолуции на Безбедносниот совет на Обединетите Нации”, пишува весникот Имерсиа.
Дел од грчкиот печат, меѓу кои и провладиниот Катимерини, пишуваат дека Путин го користел нашето уставно име согласно терминот што го користи руската дипломатија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.