ГРЧКИ МЕДИУМИ: Се актуелизира кинескиот проект за пловен канал од Белград до Солун преку Скопје

Кинескиот проект за пловен канал од Морава преку Вардар до Егејско Море периодов сериозно се активира, а кинески претставници веќе одржале средби со српските и македонските власти, пишуваат грчките медиуми. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, планот на Кинезите според грчките медиуми претставува проект на векот од кој што придобивки ќе имаат граѓаните на трите земји Србија, Македонија и Грција.
“Кинеските партнери сериозно се заинтересирани за инфраструктурни проекти во Србија и во регионот, затоа што каналот од Морава до Егејското Море ќе обезбеди ресурси за три земји за многу идни генерации”, се вели во текстот на порталот “Триклоподија”.
Порталот информира дека за ова прашање неодамна бил одржан состанок меѓу српскиот претседател Томислав Николиќ и претставници на кинеската компанија Bonn Project и на институтот China Design Group, а средба имало и со македонските власти. Николиќ изјавил кинескиот проект во голема мера ќе придонесе за заштита на Србија од поплави и други катастрофи.

Проектот за прв пат беше активиран пред три години, откако анализата на кинеските експерти покажа дека пловниот канал од Морава преку Вардар до Егејско Море е изводлив. Неговата изградба ќе трае околу 10 години и ќе чини 17 милијарди американски долари, а ќе зафаќа површина од 10, 500 квадратни км.
Освен можноста за пловидба на трговски бродови, проектот се очекува да го реши проблемот со наводнувањето на земјоделско земјиште и ќе ја олесни изградбата на електрани.

Освен пловниот канал, друг кинески проект за регионов што е актуелен периодов е и Балканскиот пат на свилата односно високо брзинската железница во чии рамки е вклучена и Македонија.