Грчки медиуми за „Пуч“: Груевски не му одговара на Западот зашто не и попушта на Грција

Поради непопустливоста кон грчките барања, „патроните“ на Скопје решија да воведат ред и да го турнат Никола Груевски од власт – аферата „Пуч“ во грчката јавност се погласно и подиректно се поврзува со интересите на западните сили во Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

САД се решени да не дозволат руско влијание на Балканот, а првата работа што во тој контекст треба да се направи во Скопје е да се симне Никола Груевски од власт поради тоа што тој и ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од Заев и СДСМ, инсистираат на македонизмот.  Залагајќи се заштита и промоција на уставното име и идентитетот, но и за референдумот како единствен начин за одлучување за ова прашање, владата на Груевски не им попушта на Грците и тие ставаат вето во НАТО, а тоа му отежнува на Западот да ја држи Русија подалеку од Балканот , анализираат грчките медиуми.

Електронскиот економски магазин „Ворија“ е последен што излезе со вакво тврдење, во анализата во која што се вели дека наводната корупција што ја докажал Заев не е вистинската причина за туркање на Груевски од власт, туку непопустливоста кон Грција која што го блокира приклучувањето кон НАТО, во период кога САД планираат да воспостават нови бази во шест држави близу Русија и кога им е потребна територијална и политичка поддршка од балканските земји.

„Соединетите Американски Држави веќе неколку години тежиштето го имаа ставено во Азија, а балканските прашања ги сместија на задното седиште. Сепак, се чини дека тие сега се обидуваат да не дозволат руското влијание, па решија да преземат акција, а првата работа што треба да ја направат во Скопје е да го отстранат Груевски од власт“, се вели во анализата на „Ворија“.

Тезата дека зад „Пуч“ се крие фактот дека владата на Груевски не е посакуваниот соговорник за наоѓање решение што ќе ги задоволи Грците,  ја потврдија и други грчки медиуми. Во иста насока беше и колумната во весникот “Kontra News”, каде што информирајќи за “Пуч” и за можни американски санкции кон поединци од Македонија, се коментира дека непопустливоста на актуелната македонска Влада кон грчките барања скапо ја чинело нашата земја.

„Непопустливоста на „Скопј“ кон Грција ги чини скапо, затоа што цената е меѓународна изолација и дипломатски неуспех во приклучувањето кон НАТО и ЕУ. Внатрешната политичка структура покажува состојба како од третиот свет, а е нагласена и како пречка за интеграција во Европа и генерално во западното семјство”, се вели во колумната на весникот.

Дека македонската опозиција е најадекватна за остварување на западните интереси во Македонија, почувајќи од прифаќање на грчките барања, беше потврдено и во анализата на порталот “Defence Point” посветена на „Пуч“.

„Поентата е очигледно поширока. Западниот свет покажува негодување за Груевски бидејќи инсистирањето на идеологијата на македонизмот не дозволува интегрирање на земјата во НАТО, што се должи на грчкото вето, а многумина сметаат дека интеграцијата ќе придонесе за поголемо оддалечување на Русија од Балканот“, се вели во анализата  на грчкиот портал.

Во Грција и натаму целосен молк за видеата во кои што Љубе Бошковски за одредена сума кеш прифати менување на името и идентитетот два дена откако ќе дошле на власт. Игнорирањето на оваа информација е индикативно, со оглед на тоа што во грчката јавност секојдневно се пласираат информации за аферата “Пуч”, а едно од главните барања на опозицијата е и  “слобода за Љубе”.