Грчки медиуми за „Пуч“: Западот му замерува на Груевски за македонизмот

Не била проблем само политичката криза искреирана од Зоран Заев и СДСМ, туку тоа што македонскиот премиер Никола Груевски инсистира на заштита на уставнто име и на македонскиот идентитет и не им попушта на Грците. Поради ова тие ставале вето во НАТО, а тоа му отежнува на Западот да ја држи Русија подалеку од Балканот. Вака во грчката јавност се толкува развојот на настаните во скандалот “Пуч” и во односот на Македонија со западните сили, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Во анализата посветена на аферата “Пуч” и одложувањето на средбата меѓу премиерот Никола Груевски со претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, грчкиот портал „Defence point“ коментира дека проблемот во пошироки рамки е тоа што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од Заев и СДСМ, се залагаат за македонизмот.

– Поентата е очигледно поширока. Западниот свет покажува негодување за Груевски бидејќи инсистирањето на идеологијата на македонизмот не дозволува интегрирање на земјата во НАТО, што се должи на грчкото вето, а многумина сметаат дека интеграцијата ќе придонесе за поголемо оддалечување на Русија од Балканот, се вели во текстот на грчкиот портал.

Во иста насока е и колумната во весникот „Kontra News“, каде што информирајќи за „Пуч“ и за можни американски санкции, кон поединци од Македонија, се коментира дека непопустливоста на актуелната македонска Влада за грчките барања скапо ја чинело нашата земја. Обвинувајќи не’ дека сме ја извртувале историјата и сме се „прикажувале“ како потомци на Александар Македонски, весникот уште еднаш потврди дека владата на чело со Груевски не е посакуван соговорник за постигнување решение за името што ги задоволува Грците.

– Непопустливоста на „Скопје“ кон Грција ги чини скапо, затоа што цената е меѓународна изолација и дипломатски неуспех во приклучувањето кон НАТО и ЕУ. Внатрешната политичка структура покажува состојба како од третиот свет, а е нагласена и како пречка за интеграција во Европа и генерално во западното семјство, се вели во колумната на весникот.

Конструкциите на опозицијата базирани врз нелегално снимените разговори добиени од странски служби, Грците и натаму ги прикажуваат како апсолутна вистина, дома и во Брисел, во обидот да покажат дека Македонија наводно не ги исполнува критериумите за евро-атлантска интеграција и да го легитимираат нелегалното вето. Во тој контекст, „Defence point“ тврди дека со објавувањето на разговoрите, Заев открил масовно кршење на човековите права во Македонија.

– Во нив има снимени разговори меѓу владини претставници, судии и новинари од провладините медиуми, кои што ја откриваат задушувачката владина контрола и масовното кршевање на човековите права и владеењето на правото во земјата, коментира грчкиот портал.

И покрај секојдневните извештаи и анализи за скандалот „Пуч“, во грчката јавност и натаму владее целосен молк за објавените видеа со Љубе Бошковски, во кои што посредикот кој говори со изразит грчки акцент го информира дека грчката влада била воодушевена од него, а овој ветува менување на името на државата и нацијата и тоа само два дена откако ќе дошол на власт. Иако дел од грчките медиуми и интернет портали известија за протестите на СДСМ пред Владата, на кои што едно од главните барања беше „Слобода за Љубе“, ниту еден од нив не ја објави информацијата за видеата во кои што Бошковски добива готовина во евра и ги продава и името и идентитетот на земјата.