Грчки медиуми: За Заев е прифатливо решение за името согласно грчките барања

Отстранувањето на Груевски од власт ќе му ја донесе власта на Зоран Заев, за кого што е прифатливо сложено име со географска одредница, согласно она што го бараат партиите на власт во Грција, се вели во анализата на грчкиот портал “Ворија”.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, во анализата се проблематизира тоа што Заев е подготвен само за промена на името, но не и за менување на идентитетот – името на јазикот и нацијата. Инаку, промена на името согласно грчките барања подразбира менување на уставното име и прафаќање на сложено име за вкупна употреба, односно менување на Уставот и целосно бришење на Република Македонија.

“Секако дека евентуалното отстранување на Груевски од власт ќе му ја донесе власта на Заев кој што прифаќа сложено име со географска одредница, како што прифаќаат и партиите на власт во Грција. Но Заев не попушта во однос на прашањето со јазикот и нацијата”, пишува “Ворија”.

Порталот тврди дека Заев излегол со драматични откритија и дека поради тоа дел од европските држави кои што до скоро го штителе Груевски, сега го поддржувале формирањето на преодна влада.

Весникот “Катимерини” пак, повикувајќи се на дипломатски извори информира дека дел од земјите членки на Европската Унија ќе побараат итен старт на пристапните преговори со Македонија, преку заедничка изјава на престојниот Самит на 20 ти месецов. Според истите извори, овие држави ќе изразат несогласување со тоа македонската европска интеграција да остане замрзната поради нерешеното прашање за името. Информациите што стигнувале од грчките амбасади во европските земји нагласувале зголемена мобилизација во изминативе десетина дена, насочена кон поддршка за Македонија.

“Добро информирани дипломатски извори посочуваат на постојаната поддршка на Вишеградската група, составена од Унгарија, Полска, Словачка и Чешка, кои што бараат членство на Македонија во НАТО и во ЕУ без оглед на прашањето со името, за кое што тие сметаат дека е билатерално прашање кое што не треба да ја спречува евро-атлантската перспектива на земјата”, пишува “Катимерини”.

Весникот информира дека иако грчкото министерство за надворешни работи во следните денови ќе работи на тоа да ги спречи овие планови, очигледно е дека ќе биде тешко да се постигнат некакви резултати. Ова ќе претставува огромен проблем за грчката дипломатија кој што континуирано ќе се зголемува во следните месеци, пишува “Катимерини”.