Грчки печат: Груевски е бескомпромисен, Нимиц „остроумен”, а Георгиевски и Симитис во 2001 се договорија за името

Екс премиерот Љубчо Георгиевски и тогашниот грчки колега Костас Симитис постигнаа договор за името, но тој не беше спроведен поради изборите во Грција на кои што се смени власта, пишува весникот „Прототема“ во коментарот посветен на последната рунда разговори за името во Њујорк.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, „Прототема“ коментира дека „секогаш кога разговорите за името стагнираат, ‘остроумниот’ Нимиц се повикува на претстојните избори во некоја од двете земји за да го оправда фактот дека нема напредок”, а напредокот овој пат според весникот, изостанал поради „бескомпромисниот став на македонскиот премиер Никола Груевски”.

„Тоа што изборите се експлоатирани од страна на ‘остроумниот’ американскиот адвокат за да се оправда фактот дека нема напредок, главно се должи на неподготвеноста на премиерот на Македонија Никола Груевски да се повлече од бескомпромисниот став…”, коментира „Прототема“.

И грчките медиуми, но и грчкиот државен врв во континуитет манифестираат незадоволство од заложбите на премиерот Груевски и претседателот Иванов за заштита на македонскиот Устав односно на уставно име и на македонскиот идентитет и ваквите ставови ги оценуваат како националистички, непопустливи па дури и иредентистички.

Но, фактот дека токму грчката позиција за името е максималистичка деновиве го потврди и една опозициска партија и тоа грчка. Новоформираната Потами која што за кратко време стана трета најпопуларна партија во Грција порача дека Македонија е признаена од голем број држави, додека Грција ја држи главата во песок и ја негира реалноста, па апелираа јужниот сосед да бара решение без максимализам.

Во однос на македонската опозиција пак и случувањата во СДСМ кои што исто така се следат со интерес, грчките националистички блогови како на пример Таксалија ( или како што самите се нарекуваат  „број 1 македонски блог” ) по објавувањето на кандидатските листи на СДСМ информираа дека на нив не се наоѓа името на како што велат „единствениот пратеник етнички Грк, Јани Макрадули од СДСМ ”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.