Грчки печат: Иванов има цврсти позиции за името, Пендаровски покажа флексибилност !

На 13 ти и 27 ми април во Македонија ќе се одржат претседателски избори, каде фаворитот е повторно актуелниот претседател Ѓеорге Иванов, поддржан од владеачката ВМРО ДПМНЕ, се вели во текстот на весникот “То парон”.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчкиот печат овој пат отворено пишува за тоа која политичка опција во Македонија претставува посакуван соговорник за јужниот сосед во разговорите за името.

И додека за претседателот Иванов “То парон” пишува дека има цврсти позиции за името, за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски вели:

“За неговиот опонент, исто така професор, Стево Пендаровски од СДСМ, политичар кој што во последните години покажа голема флексибилност за прашањето за името, се чини нема многу надеж ”, стои во текстот.

И грчкиот печат, но и грчкиот државен врв во континуитет изразуваат незадоволство од позициите на премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов насочени кон заштита на уставното име и на македонскиот идентитет, прикажувајќи ги како непопустливи и националистички.

Од друга страна пак, пораките на лидерот на македонската опозиција Зоран Заев се дека на СДСМ не им личи да бидат патриоти и дека треба да си ја свиткаме кичмата за името.

И додека СДСМ на чело со Заев ја критикува политиката на македонскиот државен врв за името и бара виткање на кичмата, во Грција од ден во ден расте бројот на политичари, експерти и медиуми кои што порачуваат дека јужниот сосед е страната што загуби во спорот и дека грчката, а не македонската Влада, има погрешна стратегија за ова прашање.

Ова го потврдува и последниот број на весникот “Ризопулост”, кој што пишува дека грчката Влада не успеа ефикасно да се справи со прашањето за името.

“Владата во Скопје спроведува ефикасна и добро организирана пропаганда не само меѓу народот, туку и меѓу глобалната заедница”, пишува весникот нагласувајќи прашањето за името е загубено за Грција.

 

Речиси идентични беа критиките упатени и од новата грчка политичка партија “Потами”  од каде што порачаа дека прашањето со Скопје е пример за отсуство на стратегија во грчката надворешна политика.

 

“ Бројни влади и организации ја признаваат земјата под уставното име. Ние ја држиме главата во песок и негирањето на реалноста не помага”, порачаа неодамна од “Потами” апелирајќи грчката Влада да бара решение без максимализам.