ГРЧКИ ПЕЧАТ: Константен притисок од САД за брзо решение за името поради загриженоста за руското влијание во регионот

Во нова фаза влегува прашањето за името со Македонија и грчката дипломатија очекува некаков развој на настаните во брзо време, открива грчкиот весник “Демократиа”. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, весникот пишува дека Вашингтон врши константен притисок за брзо решение и дека токму поради ова, шефот на дипломатијата Никос Коѕиас веднаш по враќањето од САД, испрати писма до лидерите на партиите да се произнесат за името. Сите овие процеси се директно поврзани со борбата за моќ на Балканот, се вели во анализата на весникот.
“Расте загриженоста поради обидот на Русија да го зголеми влијанието во регионот ( со што ќе го спречи зголемувањето на присуството на западните воени сили и инфраструктура) и поради обидите за имплементација на статегиски енергетски проекти. “Скопје” е една од земјите кои што Москва планира да ги вклучи во Турскиот тек за транспорт на природен гас, заобиколувајќи ја Украина”, се вели во анализата на “Демократиа”.
Весникот пишува дека и Грција, особено по потпишувањето на последниот Меморандум, претставува едно од полињата за борбата за влијание меѓу Западот и Русија на Балканот и дека освен за брзо решение за името, Вашингтон ја притиска земјата и за признавање на Косово.