Грчки почесен амбасадор и’ замери на Македонија за упорното штитење на името и идентитетот

Менување на уставното и историско име, но и на целокупниот македонски идентитет според јужниот сосед е предуслов за постигнување на заемно прифатливо решение, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Ова уште еднаш го потврди почесниот амбасадор Христос Боциу во колумна за неделното издание на весникот Парон.

Пишувајќи за европската перспектива на дел од балканските земји во чие минато се појавува Отоманската империја, тој заклучува дека интеграцијата може да биде попречена од наводниот екстремен национализам, како и територијалните и политички разлики и несогласувања. Конкретно на Македонија и’ замери за тоа што упорно си го штити уставното име и името на јазикот  и на нацијата.

-Скопје тврдоглаво истрајува во фикцијата за името, за националноста и за јазикот на земјата и не остава простор за наоѓање на заеднички прифатливо решение со Грција, коментира амбасадорот, со што уште еднаш се потврдува фактот дека европската интеграција на Македонија е блокирана исклучиво поради неприфаќањето на грчките желби за менување на името и идентитетот.

За Косово коментира дека не било признаено од 5 европски држави, вклучително и Грција и дека тоа било соодветно за разгледување на оваа тема. Босна и Херцеговина пак, ја опишува како држава со чудна уставна структура за која што постоела загриженост дали ќе ја преживее својата актуелна форма. На крајот, почесниот амбасадор на државата во која трета политичка сила се неонацистите од Златна Зора, заклучува дека за безбедна европска перспектива морал да се елиминира ирационалниот национализам кој што не се вклопувал во нашите времиња.