Грчки пратеници го осудија национализмот во армијата

Пратеници на Сириза и ПАСОК остро го осудија националистичкото скандирање на специјалните единици на грчката Воена морнарица на парадата на 25 март по повод Денот на независноста на Грција, јави МИА.

За време на парадата, единиците на Норнарицата извикуваа неколку од нивните слогани, но еден од нив предизвика остри реакции од страна на повеќе пратеници.

– Нашиот сон е да влеземе во Константинопол, да го кренеме нашето знаме и да ја пееме нашата национална химна, извикуваа војниците по што неколку политичари побараа Командата на армијата и Министерството за одбрана да преземат дисциплински мерки.

Пратеникот на Сириза, Димитрис Пападимулис на својот профил на Твитер напиша дека нациоанлистичкото скандирање на војниците е во спротивност со надворешната политика на земјата.

– Владата има обврска да стави крај на тоа, нагласи тој.

Неговиот колега Василики Катривану на Фејсбук напиша дека слоганите на парадата биле директна провокација против демократијата.

– Незамисливо е чинот да остане неказнет… Тоа е потсетник дека армијата треба да биде исчистена од овие фашистички и екстремно десничарската клетки кои се уште се силни. Тие (уште еднаш) се хранат со неказнивост, напиша Катривану.

Опозициската ПАСОК го обвини министерот за одбрана Панос Каменос за провокативни изјави во врска со надворешната политика.

– Специјалните единици на Воената морнарица извикуваа слогани кои ги оспоруваат постоечките национални граници. Но, кога министерот за одбрана е толку неодговорен, што друго може да се очекува? Игнорантскиот министер, и претседател на Независни Грци, се закани дека ќе пушти џихадисти во Европа… Сириза слепо го следи по патот во бездна, соопшти опозициската партија.

Засега нема официјална реакција од страна на Турција.

Извикувањето антимакедонски, антитурски, расистички и фашистички пароли на воените паради во Грција не е новост. Тоа се случува со години, но досега не е познато дека некој е казнет за ваквото однесување. Национализмот во одредени единици во грчката армија го толерираат и институциите во Брисел, со оглед на тоа што досега не е упатена официјална реакција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.