Грчки власти: Не е позната причината за смртта на Дениса

„Морс игнота“ – вака е заведена смртта на девојката за која грчките власти тврдат дека е на Дениса Маркоска во посмртницата, која е единствениот документ што во Македонија е испратен од Грција заедно со телото, јавува телевизија Канал5.

Во медицинскиот речник „Морс игнота“ значи непозната природна смрт.

Но, во објаснувањето уште пишува дека причина за умирањето не е позната и дека во моментот на смртта немало други присутни.

Институтот за судска медицина во Скопје почна реобдукција на телото, а во тек се ДНК анализи.

Родителите на Дениса Маркоска вчера попладне дале примероци за ДНК и сега се вршат испитувања за утврдување на идентитетот на жртвата. Директорот на Судска медицина д-р Алексеј Дума потврди дека телото е префрлено во мртовечница во Бутел и сега останува да се извршат лабараториските анализи.

Резултатите ќе бидат доставени до Министерството за здравство како нарачател на постапката и на семејството Маркоски. Лекарите од судска медицина не сакаат да прогнозираат колку време ќе биде потребно да завршат сите испитувања.