Балкан

Грчкиот министер за финансии ќе се сретне со Драги и Шојбле

Грчкиот министер за финансии ќе се сретне со Драги и Шојбле

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис денеска и утре ќе има средби со претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги и со германскиот колега Волфганг Шојбле, во рамките на кои се очекува да бидат разгледани можности за надминување на проблемот со грчкиот долг, јавуваат грчките медиуми, пренесе МИА.

Денешната средба на Варуфакис со Марио Драги ќе се одржи во Франкфурт, а утре тој ќе се сретне со германскиот министер за финансии Шојбле во Берлин, пренесува БТА.

Истовремено со Варуфакис, во посета на Германија ќе биде и Гувернерот на грчката централна банка Јанис Стурнарас, кој денеска ќе присуствува на седница на управниот совет на Европската централна банка во Франкфурт.

Се очекува на средбите со ЕЦБ да биде разгледано и прашањето за одложување на вонредното финансирање, дадено на грчките банки преку фондот за итна ликвидност.

Јанис Варуфакис вчера во Рим истакна дека е можно до јуни да биде решена грчката должничка криза.

Според Варуфакис Грција има потреба од договор мост, што ќе даде време од еден месец или шест недели по февруари, кога истекува рокот на тековниот спасувачки договор со меѓународните кредитори на земјата со цел да биде финализиран новиот договор со партнерите до јуни.