Грчките медиуми потсетуваат дека Русија ја признава Македонија под уставното име

Во безбројните написи за грчко-руските односи кои деновиве се објавуваат во грчките медиуми, некои медиуми потсетуваат на фактот дека Русија го признава уставното име на Република Македонија, јави МИА .

„Русија исто така го признава Скопје како ’Република Македонија’ што, се разбира, не треба да биде изговор за непријателски однос на Грција кон Москва“, коментира еден медиум од Крит.

Признавањето на уставното име на Македонија од страна на Русија се вбројува меѓу предупредувањата во грчко – руските односи, а аналитичарите нагласуваат дека мора многу да се внимава дали некој од условите на „стратешкото партнерство“ со Русија ќе значи повлекување од соработката со Западот и „религиозен“ вид на приврзаност кон ставовите на Кремљ.

Во декември минатата година грчките медиуми напишаа дека Путин и удрил шлаканица на Грција кога не прес-конференција за „Јужен тек“ нашата земја ја нарече Македонија.

„Неколку удари и пораки од рускиот претседател”, “Бомби од Путин за Македонија и Турција”, беа дел од насловите во грчките медиуми кои користењето на нашето уставно име од страна на Путин го претставија како шлаканица за Грција.

“Владимир Путин и влепи и втора шлаканица на Грција во истиот говор кога зборувајќи за Јужен тек рече дека гасоводот може да оди низ Грција за да стигне до Македонија, како што го нарече ‘Скопје’ ”, коментираа грчките новинари во своите текстови.

„Катимерини“, пак, како и некои други весници, потсетија дека Путин го користел нашето уставно име согласно терминот што го користи руската дипломатија.

фото: МИА