Грчките медиуми предвидуваат прием на Македонија во НАТО во септември?

Зголемени притисоците врз Грција , што би резултирало со затворање на прашањето за името и прием на Македонија во НАТО на следниот самит на алијансата што во септември ќе се одржи во Велс. Такви се прогнозите на грчкиот весник Катимерини , повикувајќи се на американски извори, а ги пренесе Канал5.

За евентуална нова иницијатива за решение на прашањето за името до следниот НАТО самит во септември, според Катимерини, разговараат надлежните кругови во Вашингтон. Весникот повикувајќи се на свои извори, исто како и пишувањата на многу други медиуми во Грција во изминатиот период, најавува зголемување на притисоците за затворање на долгогодишниот спор и интеграција на Македонија во северно -атлантската алијанса.

„Во едно сценарио кое потсетува на ангажирањето и притисоците на САД од владата на Буш пред 6 години, што кулминираше со драматично отфрлање на кандидатурата на Скопје од лидерите на НАТО, некои американски официјални лица ја гледаат повторно интеграцијата на Скопје, но и на Црна гора во алијансата, како алатка за притисок врз Москва во рамките на конфликтот поради случувањата во Украина. Да се случи, она што се случи во 2008та, кога Џорџ Буш сакаше да прати негова порака со проширувањето на НАТО со земјите од Западен Балкан. Ова размислување се уште не е усвоено на политичко ниво.“ – го пренесува телевизијата новинарот од Катимерини, кој како што се покажа во минатото (прв го откри предлогот на Нимиц од април минатата година за Северна Република Македонија), е добро избрифиран и од Њујорк и од Вашингтон.

Вима, Катимерини и неделникот Епикера се дел од грчките медиуми кои во изминатите  неколку месеци предупредуваа дека до НАТО самитот во Велс во септември ќе се зголеми притисокот за решение на името,за нашата земја конечно да стане дел од алијансата. Тиражниот неделник пак, тврдеше дека Атина, ги нема сојузниците од 2008та, односно дека Германија и Франција не ја поддржуваат Грција како пред 6 години, додава Канал5.