Грчките медиуми во одбрана на Заев

Одбрана за Зоран Заев и обвинувања за премиерот Никола Груевски е она што доминира во написите на грчките медиуми и портали за обидот за пуч во Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Прогонот на Заев ја загрозувал безбедноста на земјата, премиерот Груевски бил диктатор – ова се дел од конструкциите што може да прочитаат во Грција по повод скандалот што ја тресе најголемата опозициска партија во Македонија.

Онлајн магазинот за дипломатија и стратегија Via diplomacy во одбрана на Заев коментира дека премиерот Груевски ги користел судството и полицијата за да го инволвира опозицискиот лидер во шпионски скандал обвиен со теорија на заговор. Тврдат и дека одлуката за прогон на Заев била ризик за стабилноста на земјата во контекст на меѓуетничките односи.

– Дали оваа опција ќе му користи на премиерот на соседната земја ќе се види во следните денови според реакциите на Соединетите Американски Држави и членките на Европскиот парламент кои што понекогаш го поддржуваа Никола Груевски, кој што сега е обвинет дека носи одлуки од тоталитарен карактер, тврди магазинот.

И грчкиот националистички портал „Defence point“ застана на страната на Зоран Заев.

– Како да не беше доволно тоа што политички ја маргинализираше земјата и го претвори Скопје во циркуз поради иредентистичките македонистички соништа, неверојатниот Никола Груевски однесувајќи се како диктатор, сега го гони политичкиот опонент…, пишува порталот.

Оправдување за Заев и критика за премиерот Груевски доминира и во текстот на порталот „Onalert“.

zaev1

– Груевски го обвинува својот политички опоненет дека имал договор со странска амбасада. Но, Европската Унија не ги прифаќа жалбите на Груевски и наместо тоа го обвинува дека го прекршува секој концепт на правото во земјата, се вели во текстот на порталот.

Со слична конструкција излезе и грчкото издание на европскиот портал Еуроактив. Авторот на текстот тврди дека затворањето на Заев ќе ја влошело политичката поделба во Македонија и дека ја зголемувало загриженоста на Западот за наводниот авторитаризам на владата на Груевски.

Видеото од средбата меѓу премиерот Груевски и Заев на кое што тој признава дека добил снимки од странски тајни служби сеуште не е објавено кај јужниот сосед.