Грчките медиуми за интервјуто на Иванов

Прашањето за името сега е е влезено во поинаква фаза, пишуваат грчките медиуми пренесувајќи го интервјуто на претседателот Ѓорѓе Иванов за телевизија Сител. Повеќето наслови во Грција истакнуваат дека „Иванов имал пофални зборови за Сириза“, пренесува МИА.

– Прашањето за името со Грција, на некој начин, е влезено во поинаква фаза. Имаме нова реалност. Прв пат на политичка сцена во Грција имаме политичари кои не се обременети со наследството од Студената војна и особено од Граѓанската војна во Грција. Се менува парадигмата. И тие и ние стануваме свесни која штета ја трпиме од овој спор. И стануваат свесни одредени субјекти со кои имаме контакти дека и ние и Грција сме влезени во туѓа игра и дека штетите ги трпиме ние. Со тек на време некој ја создал претставата дека е наша игра. Не. Напротив. И Грција и ние сме вовлечени во една туѓа игра, во која што интересите ги имаат другите, а ние ја имаме само штетата, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Иванов.

Грчките медиуми истакнуваат и дека македонскиот претседател рече оти проблемот со името и наштетува и на угледот на Грција.

– Така што оваа млада гарнитура, без разлика колку ќе опстои ги отвора и другите прашања на проблемот со името со кое ќе се соочуваме ние, и граѓаните и бизнисмените и сите оние кои до сега трпат само штета. Нема никаква корист. И тоа е штета и за нас, но и за самата Грција, по угледот, угледот што и е нарушен по однос на сите овие случувања во однос на името. Така што верувам дека ќе има поинаков тек и нема да робуваме на сето она што до сега беше поврзано со проблемот со името, рече Иванов, чие интервју речиси без коментар се пренесува во Грција.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.