Македонија

Грчките служби имаат и пари и интерес да ангажираат одработувачи против македонските интереси

Грчките служби имаат и пари и интерес да ангажираат одработувачи против македонските интереси

Експертите и граѓаните се согласни дека Грција има најголем интерес да и наштети на Република Македонија. Имајќи го предвид фактот колку се моќни грчките тајни служби кои располагаат со огромни финансии, се знае дека тие лесно би го исполниле својот интерес, пишува денес порталот Курир.

Грчката национална разузнавачка служба важи за најмоќна во регионот. Фрапантни се нивните потенцијали. Во еден момент тие можат да следат 6000 телефонски разговори, 60-80 мобилни станици од било каде. Во единица време, грчките тајни служби можат да мониторираат над 2000 интернет конекции, СМС пораки, ММС и факсови. Постојано купуваат скапа опрема која само ги зголемува нивните капацитети.

Не е тајна како и каде функционираат. Тие сами кажуваат дека се активни низ речиси цела Европа, но и во регионот се активираат кога станува збор за национални интереси.

Грчкиот народ не добива одговор на суштинските прашања- каде завршуваат тајните фондови и колку реално изнесуваат истите? Во држава која неколку пати се избегнува банкрот и кога се се намалува, како е можно да растат само тајните фондови?

Вртоглав финансиски раст на штета на други

Како цврста тајна се кријат точните бројки колку пари троши Грција за дестабилизација на цели земји и структури. Се знае дека само во времето на Папандреу, буџетот за тајните служби беше зголемен за вртоглави 480 проценти. Еве ја статистиката:од 2009-та до 2011-та година се потрошени 168 милиони евра! За истиот период буџетот на МНР се намалил за 60 милиони евра. Каде отидоа парите?

-во 2009-та година за тајните фондови првично биле предвидени 18,8 милиони евра, а се потрошиле 57 милиони евра.

-18 милиони евра биле предвиодени за оваа намена во 2010-та година, а оваа сума нарасна во неверојатни 68 милиони евра.

-во 2011 биле фондот за тајните служби кој се предвидувал изнесувал 34 милиони, а се потрошиле 43 милиони евра.

Фрапантните податоци остануваат само реторички прашања. Грција избегнува јавна дискусија за да даде одговори. Постојат неформални докази кои укажуваат дека овие пари се трошат на лобирање, активности на МНР, финансирање на тајната полиција и силно инвестирање во технологија за унапредување на службите.

Цели дипломатски кругови велат дека не постојат цели кои се исполнети и кои можат да ги оправдаат овие пари.

Македонија-најголем интерес на оваа моќна тајна служба

Ниту за граѓаните, ниту за експертите нема сомнеж по прашањето „Која странска служба има најголем интерес да и наштети на Македонија“. Јасно е кој ќе има најголем интерес од „бомбата“ со која се заканува опозицискиот лидер и четвртоосомничен во „Пуч“, Зоран Заев. Откако самиот призна дека материјалите ги добил од странска разузнавачка служба, а истите се на штета на нашата земја, целата јавност и аналитичарите го вперија прстот кон нашиот јужен сосед.

Јасно е која е тајната странска служба со најголем интерес за креирање тензии во општествената, политичката, па дури и безбедносната состојба во Република Македонија.

Кесковски: Грција има капацитет и интерес да направи дестабилизација

Курир побара мислење за оваа тема од помошник-директор во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, проф.д-р. Златко Кесковски.

-Грчката тајна служба има огромен интерес да и наштети на Македонија. Ние имаме спор со Грција повеќе 20 години, ова е конкретен проблем во моментов,  Грција никогаш не била пријателски настроена кон Македонија.  Во конкретниов случај ако се работи за грчка разузнавачка служба тогаш нормално е дека сите тенденции насочени во мометов, доколку се потрошени огромни средства, тогаш сигурно дека има интерес, имаат можности и капацитети да направат дестабилизација. Според мене и овој момент што го имаме сега во државата е дестабилизација, а што ќе се случува понатаму зависи од тоа кои се крајните цели на службата. Тие мора да добиле некое ветување за да можат тие да инфилтрираат луѓе, да употребат материјали, да употребат средства и човечки ресурси за да добијат некаква крајна цел со која ќе ги реализираат нивните интереси, тоа не мора да значи дека е само името, или дека тоа е таргет, таргети има многу може дестабилизацијата да стигне до распад, значи може да биде во различни сфери, а името е само еден сегмент во целата приказна. Ако размислуваме за општо политичко-стратешките цели ние имаме опкружување кое има тенденција на територијални претензии кон Македонија. Во  секој случај не можеме да разговараме за странски разузнавачки служби без притоа да имаме некаква цел од нивна страна, истакна поранешниот помошник-директор во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, проф.д-р. Златко Кесковски.

zaev_kurir_2

Заев пеш до Грција во потрага по афери

Поврзаноста меѓу Зоран Заев и Грција не е од вчера. Неговата матична СДСМ често презентира ставови за националните македонски прашања исти како оние на грчкиот државен врв. Дополнително, медиумите објавија дека лидерот на СДСМ во неколку наврати пеш ја минувал границата со Грција. Се задржувал покусо од 24 часа. А по доаѓање назад во земјава, секогаш најавувал афери и скандали.

Посетите на Заев на Грција и на Бугарија зачестуваат пред изборите. Непосредно по враќањето во земјава Заев ги обелоденува аферите „Актор“ и „Македонска банка“.

Сите овие информации одат во прилог на тврдењата дека од нашиот јужен сосед, опозицискиот лидер насобирал и материјал за „бомбите“.

Старите афери потврдуваат дека Грците даваат пари за нивна пропаганда. Иако велат дека ги даваат на новинари и невладини, не се исклучува и е многу е веројатно дека даваат пари за финансирање на операции на нивна служба кон Македонија.

zaev_kurir_3

Црни вреќи пари за антимакедонска пропаганда

Грчката Влада поткупувала новинари за ширење на антимакедонска пропаганда и погрчување на Македонија. Во периодот од 1989 до 1993 од тајните фондови на грчкото МНР, предводено од Андонис Самарас, грчки новинари добиле 130 милиони американски долари за да се промовира “грцизмот на Македонија”. Парите за погрчувањето на Македонија биле исплаќани од тајни фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, кои наводно биле наменети за надворешна промоција. Но според сведочењето на поранешниот премиер Константинос Мицотакис, парите завршиле во џебовите на грчките новинари. Мицотакис објаснува дека тие пари биле спакувани во црни вреќи за ѓубре.

– Парите беа во црни пластични вреќи за ѓубре. Немаше чекови, само кеш. Средствата беа наменти за пропаганда против името на Макеоднија, но наместо надвор оваа пропагнада беше пласирана внатре во државата, изјавил Мицотакис.

Тој тврдел дека парите ги дистрибуирал тогашниот шефот на дипломатијата Самарас. Мицотакис признал дека лично ги знае новинарите кои добивале пари од Владата. Изјавил дека дел од нив биле плаќани за да го градат политичкиот имиџ на Самарас.

И Самарас јавно признал дека се исплаќале огромни суми пари, но тврдел дека истите биле за национални корисни цели. На барањето на Мицотакис да објасни каде отишле парите, Самарас никогаш не дал конкретен одговор. Неговото образложение било дека средствата се искористени за реклами.

Функцијата министер за надворешни работа за Самарас заврши во 1992 година, кога беше разрешен од страна на Мицотакис. Една година подоцна биле уништени сите документи за тајните исплаќања.

Скандалот изби на површина по колапсот на Владата на Мицотакис во октомври 1993 година. Тогаш на власт дојде ПАСОК, а нов шеф на дипломатија стана актуелниот претседател Каролос Папуљас. По стапувањето на функција, Папуљас најмил адвокат од САД кој открил дека постоеле тајни фондови. Но до ден-денес не се обелоденети имињата на новинарите и медиумите кои ги наполниле џебовите со парите од црните вреќи. Веќе следната, 1994 година, грчката Влада ја затвора истрагата под образложение дека се работи за високи национални интереси. Од двегодишната истрага не беа донесени никакви заклучоци.

Опасност од силни монтажи

Странска служба со силен капацитет како грчката, несомнено може да монтира материјали од секаков вид.

Кога монтирањето на аудио и видео материјали е во прашање, странските експерти се на иста линија со македонските колеги.

Според нив, многу е лесно да се создаде нешто неточно, нешто невистинито, односно фалсификат. Многу е лесно да се создаде фалсификуван документ. Процесот на монтирање, коментираат тие, воопшто не е комплициран процес, од научна гледна точка потенцираат дека тоа е многу лесна работа.

-Имате многу снимки од моите зборови, речениците кои ги изговарам, мојот говор, можете да ги одберете зборовите кои сакате да ги употребите за нешто. Потоа можете да ги залепите едни со други, притоа создавајќи еден нов аудио материјал, кој би можел да биде вистинит, но и не мора да биде вистинит. Значи, можете да го сечете материјалот. Ова е многу едноставно, знаете, имаме многу кодови, многу реченици кои се исечени од страна на луѓе кои едноставно го употребуваат делот кој им се допаѓа или не го споменуваат делот кој не им се допаѓа, смета проф. д-р. по информатички технологии Махди Корсави, кој има завршено на  универзитетот во Окинава, Јапонија.

фото: Курир