Грчките власти и опозицијата на средби кај Папуљас

Грчкиот претседател Каролос Папуљас денеска ќе има одвоени средби со премиерот Андонис Самарас и со Алексис Ципрас, по барање на лидерот на опозициската Сириза, објави МИА.

Се очекува Самарас да го информира претседателот за клучната фаза од преговорите со тројката кредитори на Грција, прашањата поврзани со долгот, како и за излезот на земјата од меморандумот, во пресрет на состанокот на Еврогрупата на 8 декември и Самитот на ЕУ на 18 декември.

Покрај ова, Самарас ќе информира и за турските провокации пред неговата посета на Никозија на 7 ноември, како и за трилатералниот состанок меѓу Грција, Кипар и Египет, кој ќе се одржи во Каиро на 8 ноември.

Ципрас, пак, се очекува да му ги претстави на Папуљас позициите на неговата партија за управување со 11,4 милијарди евра од грчкиот фонд за финансиска стабилност за кои Сириза сака да останат достапни во Фондот, како и за преговорите со тројката за долгот.

Лидерот на Демократската левица Фотис Кувелис утре ќе се сретне со Папуљас. Како што најави, Кувелис ќе предложи состанок на лидерите на политичките партии со цел постигнување национален консензус за решавањето на прашањето на долгот.Грчкиот претседател Каролос Папуљас денеска ќе има одвоени средби со премиерот Андонис Самарас и со Алексис Ципрас, по барање на лидерот на опозициската Сириза.