Грчко „добрососедство”: вето и за македонски театар

Поради уставното и историско име Македонија, овој пат на удар се најде македонскиот претставник во Новата европска театарска асоцијација НЕТА, Мал драмски театар – Битола.
Според грчките медиуми, нивните претставници спречиле македонскиот театар да стане членка на Унијата на театри од Европа, во рамките на генералното собрание на Унијата што се одржа во Тел Авив од 13 ти до 16 ти месецов. Причината е тоа што требало да бидат примени под уставното име Република Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
„Уметничкиот директор на Националниот театар на северна Грција, Јанис Вурос, веднаш реагираше и по забелешките дека се залага за отвореност и соработка, изјави дека не може да прифати соработка со театар од “Скопје” кој што го краде името Македонија, кое што не го признаваат Обединетите нации, ниту Грција”, пишуваат порталот In.gr, додавајќи дека по ова, предлогот за соработка бил повлечен.

Грчкото недобрососедство кон Македонија и натаму се манифестира преку блокирање и опструкции во сите сфери, од политички до уметнички. Неодамна на сличен начин Грција се обиде да го спречи претставувањето на македонските филмови под уставното име на фестивал во Швајцарија, но бидејќи таквиот обид заврши без успех, Грција ги повлече своите филмови. Ова пак наиде на остри критики од медиумите, од авторите на филмовите и од самиот фестивал.