Грчкото барање веќе се разгледува во Брисел

Работната група на еврото во моментов го разгледува грчкото барање за шестмесечно продолжување на договорот за кредит, за да можат земјите членки да одлучат дали е задоволувачки и кои се „помалку задоволувачки“ делови кои ќе треба подетално да бидат елаборирани.

Висок претставник на Еврозоната за грчката државна новинска агенција изјавил дека министрите за финансии од еврозоната потоа ќе испитаат дали конкретниот текст може да биде основа врз која тие ќе го поднесат во своите парламенти, јави дописникот на МИА од Атина.

Министерот за финансии Јанис Варуфакис денеска во името на грчката Влада поднесе барање за шестмесечно продолжување на договорот за кредит, додека владини извори наведоа дека во исто време е покренато и прашањето за обновување на социјалните трошоци предизвикани од кризата.

Владата тврди дека ги задржува своите обврски, и не бара продолжување на меморандумот.

Барањето на Грција е за шестмесечно „продолжување на  договорот“ со партнерите. Тоа се однесува на „договорот за кредит“ и условите вклучени во него. Атина смета дека „клучна“ за компромисната формулација била фразата која ќе биде употребен во врска со она што грчката Влада сака да се продолжи ( Меморандум, програма, кредитен договор), а исто така и во однос на обврските кои грчката страна ќе ги преземе кон партнерите.

Се предлага фразата „продолжување на договорот за кредит“ да биде заменета со „продолжување на договорот“. Формулацијата „ кредитен договор“ да биде заменета со „механизам за основна финансиска помош за Грција“, терминот „нов договор“ со „нова регулатива“, а „релативна флексибилност“ со терминот „флексибилност“.

Според телевизијата „Мега“, придобивките за грчката Влада од тоа биле дека со сето ова би успеала да го внесе терминот „хуманитарна криза“, што би и дало можност на грчката Влада да преземе мерки за нејзино надминување.