Грците му се налутија и на ММФ за Македонија

Иако официјалното име на Скопје не е Македонија, туку ФИРОМ на англиски, ова изгледа не важи за европскиот оддел на ММФ, коментираат денеска неколку грчки медиуми, пренесе МИА.

Коментарот се однесува на покана од страна на ММФ за денешен брифинг во Брисел за новиот извештај на ММФ за регионални економски прашања и ризиците за изгледите на Централна, Источна и Југоисточна Европа во која нашата земја е ословена со Македонија.

Според Грците, „неточни информации“ има и во самиот извештај каде во мапата на регионот нашата земја е означена со МКД.

Се разбира, смешна е и ѕвездичката која ММФ ја има ставено на мапата со која Фондот одрекува секаква одговорност за боите, границите и имињата. Напротив, тоа уште повеќе го инкриминирa, затоа што тоа значи дека авторите знаеле оти ќе предизвика вознемиреност, пишува весникот „Елефтерос Типос“.

Покрај ова, во Грција се потсетува и дека заменик-директор на Европскиот оддел на ММФ Пол Томсен долго време е и член на тројката во Грција.

Откако дојде десетина пати во Грција би требало да знае дека ваквото именување ја вознемирува нашата земја… Во изминатите шест години од грчката криза ги претрпевме сите тешки страни на ММФ во врска со грчката криза. Нема потреба да не предизвикува и политички, за што некој од Влада треба да и укаже на шефицата на организацијата Кристин Лагард, заклучува весникот.