Грција: Анархисти запалиле автомобили и автобус

Во центарот на Атина синоќа дошло до судир помеѓу полицијата и демонстрантите, кои запалиле еден градски автобус и неколку автомобили, бидејќи се собрале на протестен марш во знак на поддршка на затворениот анархист Никос Романос, кој штрајува со глад барајќи да му се даде дозвола да присуствува на предавања на факултет.

Демонстрантите, кои ги имало помеѓу 8000 и 10 000, поставиле барикади во неколку улици околу атинскиот Политехнички универзитет, а полицијата употребила солзавец како би ги растерала.

Романос (21) стапил на штрајк со глад на 10 ноември бидејќи му е забрането да присуствува на предавањата на факултет, бидејќи е осуден за учество во вооружен грабеж на банка.

На него во штрајкот со глад му се придружиле уште тројца затвореници.

Во демонстрациите покрај граѓаните, учествувале и политички групи, меѓу кои главната опозициона партија Сириза, левичарската Андарсија и Комунистичката партија на Грција.

Протестни собири во знак на поддршка на Романос се одржани во Солун, Ираклион, на Крит и на др. места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.