Грција да се фокусира на решавање на долгогодишниот проблем со името

По повод големиот македонски празник Илинден премиерот Никола Груевски денеска се обрати пред народот на градскиот плоштад при што истакна дека Грција треба да го врати фокусот на решавање на долгогодишниот проблем со името.

Кризата кај јужниот сосед, и нам ни направи штети. Како економски, заради блискоста и поврзаноста на нашите економии, така и политички, пред се заради целосно дефокусирање на нашиот сосед од решавањето на нашиот билатерален проблем, што нас  веќе цели 7 години, неоправдано не чини членство во НАТО, и веќе слободно можам да кажам и членство во ЕУ, затоа што ако немаше блокада на започнувањето на преговорите во2009тата, ние денес ќе бевме член на ЕУ. Посакуваме нашиот јужен сосед, побрзо да ги надмине актуелните економски предизвици, и да го врати фокусот околу проблем со името и блокадата врз нас, истакна тој.

Историјата не смее да биде пречка за иднината

Историјата е важна, но не смее да биде пречка за иднината. Затоа важни се напорите, историјата да ја оставиме на историчарите, на науката, на образованието, и секој кој сака да ја проучува, анализира, да ја славиме, одбележуваме и да извлекуваме поуки и мудрости од неа, но  државите и народите на Балканот мораме да градиме нови мостови за посреќна заедничка иднина на нашите народи.

Демографијата во врвот на предизвиците

Демографијата останува во врвот на нашите предизвици како држава. Иако, со солидни ефекти од превземените мерки во последните 7-8 години, кои што изненадија многумина скептици кои не веруваа дека било какви мерки на владата воопшто ќе вродат со некаков резултат, се уште, ниската фертална база која не очекува во наредната деценија, е голем предизвик.

Загрижува воспоставувањето пракса на се подоцнежно стапување во брак на младите, што се одразува и на бројот на деца во семејствата, заклучи тој.

 

 

Со бројни манифестации во Скопје, Крушево и Пелинце граѓаните на Македонија ги празнуваат двата Илиндена.