Грција и Јапонија играат на се или ништо

Големата болка која ја чуствуваат после заслужениот, односно несреќниот пораз во првото коло од групната фаза, репрезентативците на Грција, односно Јапонија, ќе ја излечат само доколку забележат триумф во меѓусебниот дуел кој ќе биде одигран на “Арената Дунас” во Натал.

Само со победа, само со три освоени бода, победникот од овој дуел ќе остане во игра за едно од двете места кои водат во 1/8 финалната рунда, а од прикажаното во првиот натпревар, за нијанса поблиску до првата радост во Бразил се репрезентативците на Јапонија.

Убедливо најголема опасност пред грчкиот гол ќе биде одличниот играч за врска од редовите на италијанскиот калчо гигант Милан, Кеисуке Хонда кој пред натпреварот изјави дека следниот противник не заслужува многу респект.

„Точно дека удривме со глава во ѕид, но самодовербата е на задоволително ниво. Разговараме на сите можни теми, и на таа дека е можно да бидеме елиминирани во групната фаза, но јас сум фокусиран само на следниот дуел, на натпреварот против Грција. Очекувам победа, очекувам освојување на сите три бода. Не смееме да покажеме преголем респект, Грција не заслужува таков респект. Грција е противник по мерка, а со победа ние ќе останеме во игра за пласман во 1/8 финалната рунда”, изјави одличниот играч за врска.