Грција и САД загрижени поради исламистите на Балканот

Грција и САД се загрижени од активноста на исламистичките сили на Балканот, предупредувајќи дека постои опасност во даден момент овие сили да заминат на страната на џихадистите, јавува БТА, пренесува МИА.

Опасноста е изнесена за време на разговорите меѓу грчкиот министер за одбрана Панос Каменос и американскиот заменик министер за одбрана Кристин Вормат, пишува весникот „Вима“.

Разговорите се однесуваат на борбата со тероризмот, проблемот со илегалната имиграција и соработката во одбраната меѓу САД и Грција.

Каменос зборувал за преземената од Грција иницијатива за создавање на „оска на стабилност“ преку соработка со Египет, Кипар и земјите од Блискиот Исток, кои се борат против ИД, како ОАЕ.

Грција има потреба од секаква можна помош, за да може да ги зајакне вооружените сили, изјавил министерот за одбрана на земјата. Според грчките медиуми, побараната помош од Грција се однесува на хеликоптери, опрема и резервни делови.

Панос Каменос зборувал и за улогата што Грција може да ја игра во борбата против тероризмот преку создавањето на НАТО воздушна база на островот Карпатос, која ќе биде користена во комбинација со базата на Крит.

Грчкиот министер за одбрана нагласил дека односите на Грција и Русија се однесуваат првенствено на грчката економија. Во разговорите било потврдено дека САД ќе продолжат да пружаат поддршка на Грција за надминување на финансиската криза.