Грција и се закани на Германија дека ќе и испрати џихадисти

Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, се заканил дека ќе ослободи “бран од милиони економски мигранти и џихадисти” и ќе ги прати во Европа, доколку еврозоната не ги повлече наметнатите барања за штедење на Атина.

“Доколку тие ѝ зададат удар на Грција, тогаш треба да знаат дека мигрантите ќе добијат документи да одат во Берлин. Доколку Европа нè остави во криза, ние ќе ја преплавиме со мигранти и тоа ќе биде уште полошо за Берлин доколку во тој бран од милион економски мигранти, има и некои џихадисти од Исламската држава”, рекол министерот.

Каменос, кој е лидер на десничарската Независна партија на Грците, која е во коалиција со владејачката левица – Сириза, оценил дека пасошот на Европската унија за слободно патување во Шенген зоната, ја направил Европа ранлива, пишува британски Telegraph.

“Доколку тие нè удрат нас, ние ќе ги удриме нив. Ќе им пратиме мигранти од сите страни, ќе им дадеме документи со кои ќе можат да патуваат во земјите од Шенген зоната”, рекол Каменос.

Каменос потсетил дека мигрантите секој ден ја минуваат грчката граница и дека 10.000 мигранти моментално се наоѓаат во прифатилишта ширум земјата.