Грција и УНХЦР сакаат и Авганистанците да бидат вклучени во релокацијата на мигрантите во ЕУ

Грчкава влада и Високиот комесаријат за беглаци при Обединетите нации (УНХЦР) ја повикаа во вторникот Европската унија во програмата за преместување на бегалците да ги вклучи и имигрантите од Авганистан, на коишто досега не се однесуваат овие активности на ЕУ.

„УНХЦР препорачува програмата за преместување и сместување да продолжи (…) ставајќи го акцентот на некои групи коишто првично не беа опфатени, како ранливите групи Авганистанци“, изјави Филип Леклерк, претставника на оваа агенција на ОН во Грција.

Изјавата Леклерк ја даде на прес-конференцијата со којашто беше означен крајот на првата фаза од европската програма за релокација на имигрантите прифатена во септември 2015 година за да се одговори на големиот број имигранти кои преку Турција и по поморски пат дојдоа во Грција, главно од Сирија и Блискиот исток, но во значајна бројка и од Пакистан и Авганистан.

Врз основа на оваа програма, 22.000 луѓе од Грција веќе се преместени во другите земји на ЕУ, а според планот треба да бидат 66.000 лица.

Леклерк, грчкиот министер за миграции Јанис Музалас, и Џанлука Роко, претставник на Меѓународната организација за миграции (IOM) во Грција, изразија задоволство од „грчките напори за преместување на овие бегалци“ и покрај „тешкотиите и отпорот“ на некои европски земји да учествуваат во програмата. Во прв ред тоа се однесува на централноевропските земји членки на ЕУ, ткн Вишеградска група, односно Чешка, Унгарија, Полска и Словачка кои примија незначителен или воопшто не примија бегалци на своите територии.

„ЕУ донекаде успеа да ја оствари својата цел во оваа прва фаза од програмата за преместување, иако земјите од Вишеградската група ја минираа таа политика. Европската солидарност (…)е законска обврска. Авганистанците и малолетниците без родителска придружба треба да бидат вклучени, и националноста на бегалците не треба да биде мерило. ЕУ не одговори на овие повици, но ќе бидеме упорни“, изјави грчкиот министер Музалас.

Од април 2016 година од Турција во ЕУ се преместени 11.715 бегалци, главно во Германија, Холандија и Франција, покажуваат податоците на ЕУ. Брисел на крајот од септември си зададе задача во следните две години да прифати уште „најмалку 50.000 имигранти од земјите како што се Либија и Нигер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.