Грција игра двојна игра: нема консензус за решение што ќе го содржи терминот Македонија

Официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба, кое што ќе го содржи терминот Македонија, се чини дека веќе не е актуелна, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Во пресрет на новата рунда разговори за името во Њујорк, се поизвесна е радикализацијата на грчката црвена линија, а пораките дека актуелната грчка влада не смее да дозволи решението да го содржи терминот Македонија стануваат се погласни.  Се подиректни се и пораките од владеачката Неа Димократиа на Самарас дека не постои согласност меѓу партнерите во владеачката коалиција за да се разговара за сложено име што ќе го содржи терминот Македонија.

Десничарските и националистички кругови во Грција не престануваат со нападите врз коалицискиот партнер на Самрас и шеф на дипломатијата Венизлос за говорот пред Генералното собрание на Обединетите Нации. Поводот е тоа што тој таму го повтори она што до неодмна беше претставувано како официјална грчка позиција – сложено име со географска одредница што ќе стои пред зборот Македонија. Токму поради ова, во вчерашната емисија на каналот Стар, портпаролот на Независни Грци, Теренс Кук, за Венизелос рече дека бил „најопасниот министер за надворешни работи“.

– Независни Грци не се согласуваат името Македонија да му биде дадено на Скопје како што најави Венизелос во Обединетите Нации. Овој период минатата година, во дебата во Парламентот за која што постои и снимка, Венизелос рече дека го овластува Нимиц со консензус. Каде го пронајде консензусот за да преговара со Скопје за сложено име со географска одредница, навистина не знам! , изјави Кук, на што жестоко реплицираше пратеникот од владеачката Неа Димократиа, Прокопис Павлопулос, откривајќи дека таков консензус, односно таков договор „нема и нема да има“.

Критики за говорот на Венизелос во ОН се појавија и во статија објавена во електронскиот весник на грчките блогери FreePen.gr, каде што се потсетува и на ставот на премиерот Самарас од 92 година, кога тој како министер за надворешни работи изјави:

–  Нема да прифатиме никакво решение со прашањето со Скопје, кое што ќе содржи дериват од името Македонија. Грција мора да стави вето доколку некоја членка на Европската Унија реши да го признае Скопје под кое било име што го содржи дериватот од зборот Македонија.

Освен признанието на Павлопулос дека не постои консензус меѓу владеачката коалиција за она што Грција на меѓународна сцена го претставува како официјална црвена линија, постои и уште еден индикатор за двојната игра на Грција – едната за внатрешна, а другата за наворешна употреба. Тоа е фактот што Самарас досега не одговори на ниту едно од дестината пратенички прашања за тоа дали за него сега, за разлика од порано, прифатливо е евентуалното решение да го содржи и терминот Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.