Грција има две позиции за името, една официјална и една неофицијална

Грција има две позиции за името, едната е официјална, другата е неофицијална. Официјалната е дека сака да го реши спорот, но дека има определени услови за кои што знаат дека нема да може да поминат во Република Македонија и затоа се така направени условите за да не поминат. Неформалната е дека сега не се во можност да го решаваат ова прашање, односно дека имаат премногу внатрешни политички и финансиски проблеми за да влезат и во една ваква варијанта на решавање на ова прашање и дека во овој период  не треба да се бара тоа од нив, вели премиерот Никола Груевски во интервју за неделникот „Република“.

Но, додава тој, не велат дека не сакаат да го решат или дека не можат да го решат или се против решавање или слично. – Не, реториката е сакаме да го решиме, ама ако владата ги прифати овие услови, за кои што од напред знаат дека која било влада во Македонија нема да ги прифати. Нивната неформална позиција, односно она што државите членки на ЕУ и на сите други кои се вклучени во проблемот како олеснувачи, е всушност дека сега не се во можност да го решаваат ова прашање. Од друга страна не се ниту подготвени да дадат некоја можност Македонија да оди напред во евроинтеграциите, додава Груевски.

Според него, тие го одложуваат решавањето на спорот, како што вели, колку свесно заради лукративни цели, колку заради внатрешни предизвици е ирелевантно, барем на краток или среден рок, но поголемиот проблем е што се однесуваат како палавото дете на ЕУ, кое ако ЕУ не му даде помош, ќе почне да крши по дома и со тоа да ја доведе во прашање иднината на семејството и домот.

– Ние сме заморени од тие игри кои ни ги наметнуваат на меѓусебни обвинувања, да се занимаваме со лаги од типот дека сум се сретнал со Фидел Кастро, како што ширеле во некои центри пред неколку години, а јас истиот ден бев на состанок со Филип Рикер во Скопје, на пример, и слични меѓусебни обвинувања кои не не водат никаде, а најмалку кон решение. Ние сме подготвени за решение, имаме јасно изразени принципи и позиции, и веруваме во нивната исправност, а поткрепа во нив ни е и народот на нашата земја. Ние сакаме државата да оди напред и ќе вложуваме напори да се најде решение, но во контекст на претходно кажаното, потребен е фокус и на останатите земји од меѓународната заедница, за да се одбегне статус квото да прерасне во опасност за регионот, истакнува премиерот Груевски.

Во врска со прашањето дека украинската криза прави некакви поместувања во однос на однесувањето на големите сили по ова прашање тој одговара дека засега нема некои најави за некакви поместувања бидејќи, како што вели, тие на проблемот гледаат со поинакви очи од нас. – Тие очи се следни, сметаат дека Грција е во преголеми финансиски проблеми и од тие проблеми зависи и судбината на еврото, а тоа е директно поврзана со нивната економска и монетарна судбина. И пред се и над се го ставаат проблемот со еврото и разрешување на кризата и реформите во Грција. Нивната проценка е дека тие вршат голем притисок врз Грција во правец да ги придвижи реформите и да стане самоодржлива и дека дури и тој притисок не можат да го реализираат до крај бидејќи сметаат дека ако го реализираат до крај притисокот, и без притисокот за името, дека може да дојде до пад на грчката влада. И да дојде друга влада која би била повеќе ризична од аспект на економските реформи и задржувањето на еврото. Што значи дури и притисокот што го вршат за реформите во Грција е дозиран и не е целосно реализиран за да не ги нарушат политичките односи во земјата и да дојде, како што понекогаш знаат да кажат, да дојдат на власт анархистите, како што ги нарекуваат од партијата Сириза, со кои им е непредвидливо што ќе се случи со еврото, евентуалното враќање на драхмата и слично, иако и тие се придвижија, во меѓувреме дојде до приближување на нивните ставови, вели Груевски.

Во една таква ситуација, додава, некои од нив знаат да кажат, кога ние не ги притискаме до крај за ова што нам ни е најбитно, не очекувајте дека ќе ги притискаме за вашето, бидејќи и вашето може да води кон влошување на состојбата во таа земја. – Со други зборови, тоа е главната причина зошто Грција во моментот нема некој посериозен притисок за решавање на овој проблем. И тоа е чисто заради интересите на државите од ЕУ. Значи, тие тргаат од нивниот интерес, што е нормално. А нивниот интерес број еден е да се зачува еврото, Грција да ги реши економските проблеми, да стане самоодржлива да ги враќа долговите и еврото да биде стабилно. Стабилното евро значи стабилност на монетарната унија, на Европа и на ЕУ. Тоа е број еден. Откако тоа ќе се реши, ќе може да решаваат други прашања, нагласува премиерот Груевски во интервјуто.

Во однос на барањето за добрососедство со Софија како забелешка за отпочнување на преговорите вели дека Македонија сака да има одлични односи со Бугарија и да продолжиме во еден дух на силна меѓусебна соработка и почитување.

– Претседателот на Бугарија г-нот Плевнелиев кажа дека Македонија не е подготвена да го потпише договорот со текст идентитечен како декларацијата која што истече во 2009 година. Беше потпишана во 1999 со рок на важност од 10 години. Претседателот Иванов одговори дека Македонија е подготвена и дојдоа сигнали дека тоа е во ред и дека ќе се потпише. И сето тоа се одложи за по изборите во Бугарија. Очекувам по изборите во Бугарија договорот што го договорија претседателите Плевнелиев и Иванов, а тоа е потпишување на договорот со истиот текст од Декларацијата, да биде реализиран. Го охрабрувам дијалогот и позитивните трендови кои започнаа преку гестовите на Иванов и Пленелиев.  Тоа е одлична база за продолжување на динамичен дијалог по веќе воспоставените принципи и пракса, кој ќе произведе едно взаемно решение за продолжување на воспоставените пракси, вели Груевски и додава дцека Бугарија нема ниту една причина да се сомнева во пријателството на Македонија. – Во тоа јас сум убеден, а времето ќе го потврди, истакнува Груевски.

Во однос на тоа што произлезе како декларација од неодамнешниот берлински самит, пред се делот што се однесува на опозицијата дека мора да може и мора да сака да биде дел од институциите, вели дека во декларацијата има јасно напишана една и единствена реченица на оваа тема, а тоа е дека се очекува од опозицијата своето дејствување и активности да ги прави во Парламентот.

– Мислам дека тоа е многу јасна порака за позициите на ЕУ во однос на дејствувањата на некои опозициски партии во некои од државите, вклучувајќи ја тука и Македонија. За тоа како треба да ја водат својата политичка борба, легитимна политичка борба, без условувања и без дилеми во тој правец. Така што ако некој имал дилема каква е позицијата на ЕУ, а мислам и пошироко на западот по однос на тоа прашање, тоа е јасно. Борбата на опозицијата треба да се сведе во Парламентот, а не надвор од него. Не може да очекува опозицијата дека со бојкот на Парламентот или излегување од Парламентот ќе добие некаква меѓународна поддршка, вели Груевски.

Тој смета дека македонската опозиција во тој поглед има нереални очекувања дека со отсуство од Парламентот, прво дека ќе предизвика симпатии кај граѓаните или пак поддршка од меѓународната заедница. Според него, симпатии кај граѓаните нема да предизвика од причина што тие добро ги познаваат состојбите во Македонија и се свесни дека мотивите заради кои што опозицијата излезе се нереални, не се базираат на вистинити искази од нивна страна.

– Нивните искази беа дека изборите се нереални, дека резултатите од изборите се фалсификувани,  дека немаше фер и демократски избори и дека како резултат на тоа тие го напуштаат Парламентот. Всушност, секому кој што добро ја следи политичката ситуација во Македонија му е јасно дека излегувањето од Парламентот беше алиби на претседателот на СДСМ да се задржи на претседателската функција во партијата. Тоа го заврши, се задржа на таа функција и сега тој бара начин или нема начин како да се врати или не може да најде начин како да се врати во Парламентот бидејќи треба една преодна фаза од таа негова цел до враќањето во Парламентот. Како ќе го изведе тоа, дали ќе го изведе тоа не можам да коментирам, не е моја работа. Гледам дека таму во опозицискиот блок има натпревар во правец кој повеќе ќе биде тврд. Тој натпревар е меѓу оваа групација блиска до Зоран Заев и меѓу групацијата да речеме блиска до Црвенковски, иако и двете имаат иста цел и слично менторство. Битката е кој е потврд и кој ќе се покаже потврд и мислам дека со една силна брзина одат со глава во ѕид. Не знам само кој попрво ќе стигне да удри со глава во ѕид, меѓутоа тоа ќе биде со една сериозна сила, тоа удирање со глава во ѕид, но ќе биде доцна тоа кога ќе го сфатат. За жал, притоа ќе направат штета и за Македонија, истакнува премиерот Груевски.

На забелешката на новинарот на „Република“ дека пред точно една година била објавена вест која вели „Заев ги моли пратениците да се вратат во Парламентот, тие одбиваат“, македонскиот премиер вели дека Заев во 2013 година беше за враќање во Парламентот, односно против бојкот на изборите.

– Беше за излегување на избори, да не се бојкотираат, затоа што во тој момент тоа нему му одговараше. Тој чувствуваше дека има добри шанси да победи во Струмица и тогаш имаше други аргументи. Сега кога му требаше алиби зошто да остане претседател на партијата демек изборите биле нерегуларни инаку ќе победел, па потоа му се испушти во една прилика дека и да биле регуларни изборите, според негово мислење нели, тргнувајќи од неговата теза дека изборите биле нерегуларни, дека и да биле ќе изгубеле ама со помала разлика. Практично се гледа дека и самиот тој не верува дека изборите биле нерегуларни, тој е свесен дека беа регуларни, но заради неговата лична политичка битка и кариера потребно му беше алиби, а тоа алиби го најде во тоа дека биле нефер изборите и затоа ја отера целата своја партија надвор од Парламентот. Пратениците ги отера надвор, иако јас колку што знам, голем дел од пратениците таму би сакале да се вратат воПпарламентот, истакнува Груевски.

Тој смета дека Заев води една битка на која што големо влијание имаат неколку личности кои, како што вели, се чини доминираат над претседателот на таа партија, тие што се во уредништвото на некои опозициски медиуми финансирани од Соросовиот институт, што се во универзитетите. – Понекогаш не е тешко да се претпостави што ќе каже господинот Заев ако претходно добро се следат два-тројца ликови кои што долго се заедно со СДСМ некои формално, некои неформално, нивните колумни или искази во медиумите се водилка на Зоран Заев. Така што, јас на пример кога отидов на средбата со него последниот пат јуни или јули, утрината и претходниот ден ги прочитав ставовите на неколку луѓе со кои што тој очигледно нема сили или капацитети да може да се справи и 90 проценти имав конципирано што да очекувам од таа средба. Тоа не е самостојно водење на партијата и на политиката, тоа е водење под притисок на неколку луѓе кои што си имаат одредени други интереси, кои си работат по тие интереси, но очигледно претседателот на таа партија си има проблем да се справи со тие луѓе и ако тргне во друг правец тој не знае како да одговори. Тој не чувствува сила, нема креативна или интелектуална супериорност и моќ да се спротивстави на каков било начин на тие луѓе, вели Груевски.

Додава дека ќе биде предоцна кога ќе сфати кои се нивните цели и крајни интереси. – Сега тој во извесна смисла е и зависен од нив, тие имаат или се блиски до луѓе кои располагаат со фондови преку кои финансираат новинари, медиуми, квази интелектуалци, имаат своја мрежа на активисти и влијание, свои инсиратори. И тоа е еден од неговите проблеми, но и проблемите на СДСМ. А тие проблеми, за жал, може да предизвикаат проблеми на Република Македонија, со отсусто на опозицијата од Парламентот, со стимулирање на деструктивни потези и слично, нагласува премиерот Груевски.

Осврнувајќи се на меѓуетничкиот амбиент во земјава вели дека Македонија е земја која е мултиетничка и за жал некогаш се случуваат тензични состојби на меѓуетничка база. – Секоја една мултиетничка земја повремено се соочува со помали или поголеми тензии на различните етнички заедници. Овојпат, последната, беше повеќе од радикално верски карактер, не беше етничка. Меѓутоа, организаторите се  обидоа да и дадат етнички предзнак бидејќи чувствуваа дека на тој начин ќе привлечат поголема масовност. Како што нагласив, се работеше за активности на верски радикали кои што се обидоа да извршат дестабилизација обидувајќи се да го убедат албанското население во Македонија дека заради етничкиот предзнак одредени луѓе добиле затворска казна. А не заради тоа што се обвинети, туку затоа што се Албанци, што е далеку од вистината. Можеби во еден момент дел од Албанците поверуваа во тоа, меѓутоа убеден сум дека како минува времето ќе сфатат дека биле предмет на манипулација на определена група луѓе која што сигурно не работи за интересите на Македонија, ниту пак за интересите на Албанците и на Македонците во оваа држава, истакнува Груевски.

Според него, развојот и проблемите во меѓуетничките односи зависат не само од групи, политичари, партии, верски заедници и слично, туку пред се од поединци. – Поединците, граѓаните на Македонија мора да го разберат соживотот на вистински начин, не како давање и земање нешто, туку како остварување на свои права но и обврски, како меѓусебна почит и толеранција, со вреднување на различностите и разбирање на туѓите традиции, култура и верувања. Само така ќе имаме напредок, вели премиерот.

Решението, смета тој, е во совеста и одговорноста на поединците. – Апсолутно тука и политичките партии, креаторите на јавно мислење и другите јавни актери имаат огромна одговорна улога, но на крај поединецот е тој кој треба да ја сфати вистинската порака и да сфати дека сите ние заедно овдека делиме исто минато, иста судбина и иста иднина. Некогаш колку и да сакаат некои да подбуцнуваат или да креираат тензии и проблеми поединецот, секој еден граѓанин  може да застане и да се спротивстави со тоа што нема да дозволи да биде навлечен да прави нешто што е спротивно од овие вредности за кои зборувам, соживот, разбирање, меѓусебна почит, остварување на права и на обврски кон заедницата и државата. Ние можеме како општвество тоа да го сториме и должни сме да пратиме недвосмислени пораки за тоа, јавно но и не само декларативно, исто како што сме должни да се спротивставиме согласно законот и уставот да се спротивставиме на секој оној кој ќе проба да манипулира со овие чувства, истакнува Груевски.

Многу работи, додава, ни се случија во цел овој изминат период од осамостојувањето па до денес. – Многу сме поминале, и лошо и добро, јас сум убеден дека имаме заедничка иднина и нема да дозволиме мултиетничноста кое е наша традиција и богатство некој да ја детектира како потенцијална опасност и да ја злоупотребува за секакви цели и интереси, нагласува премиерот Груевски.

Во врска со законот со кој се казнува учество на македонски државјани во паравоени структури во странство, кој завчера Собранието го донесе оценува дека е добро е донесен тој закон. – Дел од земјите во регионот го донесоа, дел го најавија. Настаните што се случуваат во последните години го налагат тој закон. Лошо е што се случува што граѓани државјани на Македонија одат и војуваат во туѓи војски. Потоа се враќаат агресивни луѓе, луѓе што навикнале да убиваат, да пукаат, да уништуваат, да палат, луѓе што навикнале да бидат во опасности во ризици и огромна е опасноста тие луѓе потоа да продолжат да го применуваат тоа и во Македонија, вели Груевски.

Дали ова ќе се реши со закон, додава, времето ќе покаже. – Колку законот ќе има влијание на тие луѓе. Колку ќе може да се регистрира нивното заминување, бидејќи тие луѓе не заминуваат директно со авион од тука во Сирија. Заминуваат во друга држава, па од таа во втора, па во трета и не можеш во траг да им влезеш, па заминуваат на боиштата. Тоа времето ќе покаже. Можеби ќе треба нови прилагодувања на законот зависно од тоа како ќе се развива ситуацијата и зависно од тоа какви слабости ќе се детектираат во откривањето и докажувањето дека некој учествувал во конфликтот. Бидејќи за да се осудат на суд и да добијат пет, седум или девет години затвор мора да се презентираат докази пред судиите. Не е доволно само да се рече „знаеме“, „слушнавме“ или дека „некој не информираше“ пред судиите, истакнува премиерот Никола Груевски во интервјуто за „Република“.

Тој зборува и за странските инвестиции во Македонија, напредокот на тој план, ангажирањето на Владата за нивно дисперзирање нив целата држава, активностите за изградба на гасификациската мрежа, пораките од Берлинскиот самит… Економскиот дел од интервјуто МИА ќе го објави во текот на утрешниот дел.