Грција има нова влада – Ципрас попладне ќе положи заклетва за премиер

Грција денес ќе има нова влада, Алексис Ципас ќе биде новиот грчки премиер, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Според најавите неговата партија Сириза коалицира со Независни Грци на Панос Каменос по што се очекува Ципрас да ја положи свечената заклетва за премиер.

На вчера одржаните предвремени парламентарни избори во Грција Сириза освои 36, 32 проценти од гласовите односно 149 пратенички места и за само два пратеника не успеа да го добие потребното мнозинство за самостојно да формира влада.
Второпласирана е Нова демократија на Самарас со 27,81 отсто и 79 пратенички места, трета е Златна зора со освоени 17 пратенички места, а четврти завршија Потами со исто толку пратеници во новиот парламент. Во неговиот состав влегуваат и Комунистичката партија на Грција, Независни Грци и ПАСОК.

Ципрас кој што пред изборите најави дека од денес Грција ќе завшрши со нарачките од странство, во вчерашниот победнички говор уште еднаш порача дека изборните резултати претставуваат пресуда на грчкиот народ против програмите за штедење,

Грција го остава зад себе штедењето кое што доведе до уништување. Пресудата на грчкиот народ недвосмислено ги откажува сите програми за штедење. Пресудата на грчкиот народ ја прати Тројката во историјата на нашата заедничка европска рамка, истакна Ципрас во победничкото обраќање.

Неговиот ривал и премиер во заминување Антонис Самарас му ја честиташе победата уште пред прогласувањето на официјалните резултати, нагласувајќи дека волјата на народот мора да се почитува.

Грчкиот народ го кажа своето и сите ние ја почитуваме нивната одлука. Мојата совест е чиста, го избегнавме најлошото, го вративме кредибилитетот на земјата и ги поставивме основите за враќање кон растот, истакна Самарас.

Денеска попладне Ципрас ќе се сретне со грчкиот претседател Каролос Папуљас кој што треба да му даде мандат да формира влада, а потоа треба да ја положи и свечената заклетва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.