Грција има потреба од една милијарда евра за плати и пензии до крајот на месецов

Новата грчка Влада до крајот на месецот има потреба од една милијарда евра за плати и пензии, што се случува во момент кога се споменува сценариото за банкрот и кога не е евидентен напредок во преговорите меѓу Атина и кредиторите, пренесе МИА.

Волфганг Шојбле, германскиот министер за финансии и претседателот на Европската централна банка, Марио Драги потенцираат дека без реформи нема пари,а „Стандард енд Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Грција.

За да го намали притисокот од Меѓународниот монетарен фонд,ЕУ и Европската централна банка, грчката влада подготвува алтернативни предлози на реформите кои ќе ги претстави пред европските партнери.

Реформите се однесуваат на измени во пензискиот систем, на работните односи и на даноците, кое е всушност барање од страна на кредиторите.

За таа цел претседателот на Грчкиот совет за економски експерти Јоргос Хулиаракос има задача да почне на 18 април во Брисел интензивни консултации со европските партнери, за кои постои надеж дека ќе придонесат за напредок во преговорите, така што до крајот на месецот би била одблокирана некаква транша за земјата.

Во Атина денеска со интерес се следат и разговорите на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во Вашингтон. Тој таму ќе учествува на средбата на ММФ и Светската банка и ќе има средби со американскиот претседател Барак Обама, со претседателот на ЕЦБ Марио Драги и со колегите од САД и Италија. На таа средба ќе присуствува и Шојбле.