Грција: Име на македонски јазик без превод како можно решение

Терминот Македонија со одредница во рамки на сложено име, но на македонски, без превод на другите јазици е она што во Грција се споменува како можно решение на името.

Како конкретен и евентуален предлог преовладува името „Нова Македонија“, токму како што се изговара на македонски.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, текстовите на новинарите од телевизиите „Скај“ и „Антена“, од весниците „То Вима“, „Катимерини“ и „Естиа“, но и изјавите на пратеникот од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и лидерот на „Сојуз на централисти“ се во насока на тоа дека договорот, можеби би бил за сложено име напишано на македонски јазик.

Овие предвидувања и анализи на грчките новинари и ставовите на политичарите, во голем дел се базирани на изјавата на лидерот на Независни Грци, по мини министерскиот совет во премиерската палата. Панос Каменос, во четвртокот, како што тогаш пренесе МИА, рече дека останува на неговите позиции, потенцирајќи дека „грчкиот термин Македонија е цврста национална позиција“. Токму придавката „грчкиот“, пред зборот „термин“ е она што прави разлика во однос на досегашните изјави на коалицискиот партнер во грчката влада. Каменос во минатото, најчесто говореше за неприфаќање на употребата на „терминот Македонија“.