Грција исплати 750 милиони евра долг кон ММФ

Грчката влада ги подмири обврските за кредитното задолжување од 750 милиони евра кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со пари на фондот, пишува весникот „Катимерини“.

Земјите членки на ММФ имаат две сметки во фондот, една на која се внесуваат годишни квоти и депозитарна сметка, која може да биде користена во итни ситуации.

Според извори од владата во Атина, таа употребила околу 650 милиони евра од депозитарната сметка и дополнителни 100 милиони од сопствени парични резерви за да го изврши плаќањето. Друг владин извор нагласи дека резервите, повлечени од владата за исплата кон ММФ, треба да ги намири за неколку недели.

Се смета дека отплатата кон фондот владата ќе ја изврши при исплатата на плати и пензии кон крајот на месецот. Итните потреби на Грција се проценуваат на три милијарди евра.

Весникот „Етнос“, повикувајќи се на претставник од министерството за финансии, изјави дека плаќањето на траншата кон ММФ е извршено откако владата се договорила со Фондот, а пред европските партнери дала обврска, дека ќе обезбеди до крајот на месецеот неопходни средства за плати и пензии по линија на ЕЦБ, што ќе заседава денеска.

До крајот на неделата владата во Атина треба да обезбеди околу 600 милиони евра за плаќање на плати и 130 милиони евра за социјална помош. Со тоа кон крајот на мај ќе треба да плати вкупно 1,9 милијарди евра за плати и пензии.

Финансискиот товар за кабинетот станува уште потежок во јуни. Тоа ќе може да се покрие само ако се постигне конечен договор со кредиторите во следните неколку денови. Во јуни Грција треба да намири четири износи кон ММФ во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра.