Грција испрати писмо до ЕУ, ЕЦБ и ММФ со мерки за реформи

Грчкото Министерство за финансии денеска до ЕУ, ЕЦБ и ММФ испратило писмо на три страници, со мерки за реформи што новата Влада има намера да ги преземе, пишува МИА.

Атина очекува до вечерва од овие европски институции да добие соодветни забелешки за предложените мерки, за внимателно да ги разгледа при составувањето на конечниот список што Владата на премиерот Алексис Ципрас утре треба да им го испрати.

Мерките, испратени до трите европски институции, се во вид на политички предлози. Во нив се посочени начините на кои Владата ќе се бори со корупцијата, ќе ја преструктуира државата и ќе се избори со
хуманитарната криза.

По вонредната седница на кабинетот премиерот Ципрас соопшти дека списокот со мерки за реформи утре ќе им биде испратен на партнерите од ЕУ.

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изрази убеденост дека институциите – ЕУ, ЕЦБ и ММФ, претходно познати како „тројката“, ќе го одобрат списокот со овие мерки за реформи.

Посочениот список беше побаран од Грција откако Атина и нејзините кредитори од еврозоната во петокот постигнаа договор за продолжување на спасувачката програма за четири месеци, што за цел има да ја смири загриженоста дека Грција оди кон излез од еврозоната уште во текот на следниот месец.