Грчкиот премиер Алексис Ципрас нагласи дека е од особена важност за регионот да се задржи уставниот демократски поредок и стабилноста во Турција. Инаку, како што јавува Анадолија, Грција вчера ја отпочна постапката за екстрадиција на осумте турски офицери што со хеликоптер пребегаа во Грција по неуспешниот обид за воен преврат.
Доцна вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас оствари телефонски разговор со неговиот турски колега Бинали Јилдирим и потврди дека е отпочнат процесот за екстрадиција.
Грчкиот премиер исто така ја нагласи поддршката на неговата влада и неговиот народ.
Јилдирим му се заблагодари на Ципрас за поддршката во процесот.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека во телефонскиот разговор со Ципрас претходната ноќ, грчкиот премиер рекол дека турските офицери ќе бидат вратени во рамки од 10 до 15 дена.