Балкан

Грција ја зголеми платата на администрацијата

Грција ја зголеми платата на администрацијата

Грчките полицајци, војници, пожарникари и поморски граничари уште сега можат да се радуваат на декемвриските плати, зашто од следниот месец во помали месечни рати ќе добијат 50 проценти од парите, кои почнувајќи од август 2012 година им беа скратени во повеќе наврати во рамките на програмите за штедење. И грчките судии во идните недели ќе добијат опсежна исплата на скратените средства.

Делумното враќање на скратените пари од платите е резултат на една пресуда на Врховниот управен суд од јануари. Тогаш судиите го прогласија за неуставно намалувањето на платите на униформираните службеници. Се чини дека премиерот Самарас со својата великодушна политика на платите сака да даде сигнал за новиот почеток кој го најавува. Тој уште од крајот на 2013 година гордо укажува на фактот што Грција првпат по десет години имаше примарен суфицит, повисоки приходи од издатоци. Тоа значи плус во буџетот, но без земање во предвид на каматниот товар, расходите за финансирање на државниот долг.

„Сега политиката сака овој суфицит да го исплати повторно како дивиденда“, критикува Панајотис Петракис, професор по економија на универзитетот во Атина во разговор за Дојче веле. Економистот не се сомнева дека Грција и во наредните години ќе има суфицит, но прашање е дали ќе може трајно да го зголемува буџетскиот суфицит, за меѓународните кредитори да ги добијат назад своите пари.