Грција ќе им исплаќа бенефиции на сиромашните

Бенефициите кои ги вети грчката Влада како вид на поддршка за најсиромашните граѓани ќе почнат да се исплаќаат од јуни, изјави вчера грчкиот функционер, задолжен за социјална солидарност Теано Фотиу, јави МИА.

Околу 30 илјади домаќинства ќе примаат од 70 до 220 евра месечно како помош за подмирување на сметките, додека 300 илјади домаќинства ќе добијат бонови со сличен износ за купување храна.

Грчката левичарска партија СИРИЗА и покрај притисокот на Европската унија да се откаже од овие мерки минатиот месец го протурка законот за социјална заштита во Парламентот.

Законот меѓудругото подразбира вклучување на електрична енергија за најсиромашните домаќинства, на кои струјата им е исклучена.

Бенефициите, чија вредност се проценува на 220 милиони евра, ќе бидат финансирани исклучиво низ намалување на трошоците на министерствата, изјави заменик-министерот за финансии Димитрис Мардас.