Грција ќе ја предложи Бакојани за еврокомесар

Грција размислува да ја кандидира Дора Бакојани за еврокомесар, односно висок претставник на Европската унија за надворешна политика, јави дописникот на МИА од Атина.

Според некои грчки медиуми, се очекува премиерот Андонис Самарас денеска официјално да ја објави кандидатурата на поранешната министерка за надворешни рбаоти. Нејзиниот мандат како шеф на грчката дипломатија во Унијата се смета за исклучително успешен, што и дава можност за поддршка од страна на доста европски држави, коментираат медиумите.

Бугарското национално радио, пак, јави дека во коментарите за кандидатурата на Бакојани се нагласува оти министер за надворешни работи на ЕУ се избира по меѓудржавни преговори. Повикувајќи се на дилломати во Атина, радиото јави дека силна е и кандидатурата на Кристалина Георгиева за истата функција, „но Бакојани има искуство токму на европската дипломатска сцена и добри контакти во кризните зони на светот“.

Во Атина во тек се консултации меѓу партиите и за втора кандидатура, доколку прелиминарните разговори покажат дека Бакојани нема да добие поддршка. Во тој случај, Грција ќе предложи друг експерт, најверојатно за ресорите даночна политика, екологија или трговија.

Опозициската партија Сириза, која победи на евроизборите во Грција, побара кандидатурата на Атина за еврокомесар да биде договорена со опозицијата.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, пред неколку дена, уште пред официјално да биде избран, ги повика владите да именуваат повеќе жени во новиот тим на комесари, и вети дека оние земји што ќе го направат тоа ќе ги награди со големо портфолио или ќе им ја додели функцијата заменик-претседател.