Грција ќе отпушти 6.500 вработени во администрацијата

Грчката влада ќе мора да отпушти уште 6.500 државни службеници до крајот на годината, пишува Утрински весник. Министерството за административни реформи и Тројката викендов договорија последниот бран отпуштања во јавниот сектор да се заврши до крајот на годината за во 2015 да нема нови кратења во државната администрација.

Со елиминирањето на уште 6.500 работни места во јавната администрација Грција ќе ја исполни обврската поставена од меѓународните кредитори да отпушти 15.000 државни службеници во периодот 2013-2014. Минатата година Министерството за административни реформи скрати 8.500 позиции во државниот сектор со цел да ја исполни зацртаната цел, главно преку отпуштање на професори, медицински персонал, чистачки и школски чувари.