Грција технички во банкрот, Македонија меѓу најниско задолжените земји во Европа

Додека Грција и официјално се вбројува во неславната група на земји кои не можат да си ги исплатат долговите кон кредиторите, Македонија се наоѓа на листата најниско задолжени земји во Европа, заземајќи го четвртото место, пишува Курир.

Грција од вчера технички се наоѓа во банкрот затоа што државниот долг на земјата изнесува 177,1 процент и е за дури 141,1 процентен поен повисок од државниот долг на Македонија. Грција, воедно стана првата земја во Европа која не успеа навреме да го врати долгот кон ММФ, а им се придружи на земјите како Зимбабве, Хаити, Судан, Сомалија и Авганистан.

Од друга страна, Македонија е земја која редовно ги сервисира своите обврски, а во февруари годинава предвреме се раздолжи со монетарците. Со предвремената исплата кон ММФ од 174 милиони долари се намали нивото на државен и јавен долг за 1,7 процентни поени. Македонија со вкупен државен долг од 36 проценти и јавен долг од 43,6 проценти и натаму останува најниско задолжена земја во Европа и во регионот.

„Ние сме светлосни години од она што е ситуација во Грција која енормно се задолжи во последните 10-12 години и ги трпи реперкусиите во овој момент. Она што за една земја е високо ниво на долг, за друга може да биде релативно подносливо. Факт  е дека Република Македонија со нешто над 40 проценти на јавен долг и пониско од 40 проценти ниво на државен долг е земја која редовно си ги измирува обврските и не постојат, барем на хоризонтот некакви опасности дека тоа нема да продолжи и во иднина“, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Трајко Славески.

Тој смета дека нема простор за паника, ниту опасност од прелевање на грчката криза во земјава.

„НБРМ веќе неколку години со ред интензивно се подготвува за евентуалните ризици, односно нивна амортизација од должничката криза во Грција и нејзината ескалација. Некои подготовки, мерки се преземени уште од пред две години, а она што го слушнавме како нов сет мерки од НБРМ, јас го ценам како умерено, навремено и во вистинска насока“, нагласува професорот Славески.

Што ќе донесе евентуалниот излез на Грција од еврозоната?

Според професорот Томе Неновски, се зависи како понатаму ќе се одвива грчката криза. Ако продолжи со овој интензитет, ситуацијата ќе има влијание на надворешно трговските односи на македонските компании со компаниите од Грција, особено во делот на склучените или на плановите за идни склучувања на договори за извоз на наши производи во Грција.  Неновски вели дека обемот на извозот ќе се намали, па нашите стопанственици ќе се соочат со тој проблем, па ќе мора да бараат алтернативни пазари.

За аналитичарите клучен е фактот дали Грција ќе остане во еврозоната или ќе одлучи да и се врати на драхмата, прашање за кое одговор ќе се добие после референдумот на 5-ти јуни.

„Ако се врати на драхмата, тогаш вредноста ќе девалвира, а тоа ќе значи многу поскап увоз, а тоа ќе има неповолно влијание врз нашите извозни сектори. Извозниците кои работат со Грција треба да се подготват за такви идни сценарија“, смета професорот Неновски.

Ако се споредат долговите на Македонија и Грција, нашиот државен долг е за четири ипол пати понизок од оној на соседите. Неновски нагласува дека ние пред неколку месеци, пред целиот свет, докажавме дека го заслужуваме рејтингот кој го имаме, со тоа што предвреме го исплативме долгот кон ММФ од 174 милиони долари, со што се потврдува и фактот дека ние сме четвртата најмалку задолжена земја во Европа.

Доказ дека Македонија е четврта најниско задолжена земја се и последните податоци на Евростат за нивото на просечниот државен долг на земјите од еврозоната.  Според овие податоци  просечниот државен долг, во земјите од еврозоната изнесува 91,9 проценти и е за 55,9 процентни поени повисок од државниот долг на Македонија.

-Се зависи како понатаму ќе се одвива овој актуелен дел од грчката криза, како ќе се разреши и дали ќе се разреши. Ако кризата продолжи да се одвива во ваква ситуација ќе има влијание врз надворешно трговските односи на нашите претпријатија до грчките претпријатија   особено во делот на склучени или идни склучувања на договори за извоз на наши производи во Грција. Веројатно обемот на нарачките ќе се намали што значи дека нашите извозници кои што произведуваат стока за Грција  ќе се соочат со тој проблем и ќе мора да бараат нови алтернативни пазари каде што би ги пласирале своите производи . од друга страна многу е битно дали Грција ќе остане во еврозоната или ќе излезе и ќе ја врати драхмата. Во случај ако ја врати драхмата таа ќе девалвира , девалвирањето ќе значи многу поскап увоз од сегашниот , а тоа ќе биде неповолно влијание за нашите извозони сектори. Тој е делот од секторите кој што би бил најпогоден и заради што е потребно извозниците кои што работат со Грција да се подготват за такви алтернативни сценарија, смета Томе Неновски.

Може ли да се спореди македонскиот со грчкиот долг?

-Не, Грција во моментов е најзадолжената во Европа и другите земји се оние кои што се  задолжени далеку зад неа. Да речеме голема задолженост ќе видиме во Франција, Италија, во Шпанија кои што имаат по 110-120% државен долг од нивниот БДП, а грчкиот долг е некаде околу 177% од нивниот БДП. Во просек задолженоста на европските земји е некаде 91% од нивниот БДП, а нашиот државен долг е 36% од нашиот БДП, додека јавниот долг е некаде околу 45 % што значи дека нашиот државен долг е за 4 пати помал од грчкиот. Самото тоа укажува дека споредбата е несоодветна. Од друга страна и самите рејтинг агнеции укажуваат на тоа дека грчките обврзници паднаа на најниско ниво, во економијата ги викаме „карактер на ѓубре обврзници“. Од друга страна ние пред светот пред неколку месеци покажавме дека тој рејтинг е заслужен со самото тоа што пред време плативме 174 милиони долари спрема ММФ и укажува на тоа дека Македонија постепено се раздолжува и го намалува својот јавен долг, што во основа со фактот дека ние сме 4-та најмалку задолжена земја во Европа, додава Неновски.