Грција денес ќе добие нов министер за финансии

Грција денес ќе добие нов министер за финансии

Името на новиот министер за финансии на Грција ќе биде соопштено по денешниот состанок на политички лидери, јави дописникот на МИА од Атина.

– Јанис Варуфакис како министер за финансии играше водечка улога во преговорите од првиот ден на Владата. Премиерот чувствува потреба да му се заблагодари за неговте постојани напори да ги промовира ставовите на Владата и интересите на грчкиот народ, во многу тешки услови, изјави владиниот портпарол Гаврил Сакеларидис.

Министерот за финансии Варуфакис денеска поднесе оставка „со цел да му олесни на премиерот во преговорите со доверителите“.

Во писмото со оставка тој наведе дека „набрзо по објавувањето на резултатите од референдумот, од некои членки на Еврогрупата и партнери му било ставено до знаење дека неговото отстуство од состаноците е предност“.

– Премиерот процени дека оваа идеја е потенцијално корисна за тој да постигне договор. Поради оваа причина, јас денеска си заминувам од Министерството за финансии, наведе Варуфакис.

Грчките медиуми, повикувајќи се на владини извори, тврдат деја најверојатно Варуфакис ќе го наследи заменик-министерот за меѓународни економски односи Евклидис Цакалотос.