Грција мора што е можно побрзо да ги спроведе ветените реформи

На Грција и снемуваат извори за финансирање и покрај четиримесечното продолжување на меѓународната програма за финансиска помош, со што се зголемува притисокот врз левичарската Влада за брзо спроведување на реформите или за неколку недели да прогласи банкрот, пренесува МИА.

Еврозоната и даде на Грција време до крајот на јуни да ја затвори програмата за помош за да може да ги повлече преостанатите 7,2 милијарди евра во кредити, но нема да и даде ниту цент додека не добие преодна оценка за спроведувањето на програмата, коментираат аналитичарите.

Исклучена од финансиските пазари и соочена со голем пад на даночните приходи, Атина би можела да остане без готовина до средината или крајот на март.

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис призна дека ќе има големи проблеми да ги плати обврските кон доверителите, почнувајќи од 1,5 милијарди евра на ММФ во март.

Официјални претставници на еврозоната изразија надеж дека грчкиот премиер Алексис Ципрас, поради финансиска нестабилност ќе се согласи на реформи долго пред истекот на рокот на крајот на април, со што ќе се овозможи исплата на помошта.

– Немањето пари се користи со цел Грците да се принудат брзо да започнат разговори за конечната ревизија за спроведувањето на програмата и што побрзо да се завршат, без да се чека дури ни крајот на април, изјави еден официјален претставник на ЕУ за грчките медиуми.

Сите други опции се проблематични. Една од нив е трансфер на 1,9 милијарди евра профит на Европската централна банка од грчките обврзници, но тоа нема да биде можно се додека Грција не ја заврши програмата за помош.

Грција се надеваше дека ќе биде во можност да искористи речиси 11 милијарди евра преостанати пари од фондот за стабилизација на грчките банки, но министрите за финансии на еврозоната одлучија тие пари да се вратат во Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФСФ) во Луксембург. Иако се уште ќе им бидат достапни на грчките банки, парите ќе можат да се исплатат само со одобрение на ЕЦБ.

Единствен извор на брзи пари за Владата е издавање на краткорочни државни хартии од вредност, кои доспеваат за наплата за три до шест месеци. Но, грчките кредитори поставија лимит од 15 милијарди евра на таквиот долг и тој е веќе достигнат.

Она што прво треба Атина да го направи, е брзо да ги спроведе реформите за да ги ослободи останатите пари од програмата за помош.

Во планот кој Владата го достави до еврозоната, се избегнуваат политички опасните мерки како што се пензиите, зголемување на даноците и отпуштања во јавниот сектор, како што беше предвидено во постоечкиот договор спас.

Иако еврозоната го прифати планот за реформи, ЕЦБ и ММФ го критикуваа дека нема детали и оти не е јасно колку всушност Атина има простор да скршне од патот предвиден во програмата.